Неколку актерки што играа во телевизиската серија „Бафи, убиец на вампири“ јавно ја поддржаа колешката Каризма Карпентер, која јавно објави дека креаторот на шоуто Џош Вендон ја злоупотребил својата моќ и ѝ вршел мобинг.
Сара Мишел Гелар, Мишел Трачтенберг и Амбер Бенсон се актерките што реагираа по обвинувањата изнесени на сметка на Џош Вендон за злоупотреба на неговата моќ додека работел на серијата „Бафи“ и продолжението „Ангел“, како и на филмот „Лига на правдата“.
„Иако сум горда што моето име е поврзано со ликот Бафи Самерс, не сакам секогаш да бидам поврзувана со името на Џош Вендон“, напиша Гелар во изјавата објавена на Инстаграм. Актерката исто така напиша дека во иднина нема да дава какви било изјави поврзани со таа тема, бидејќи е фокусирана на семејството и наоѓањето начин како да преживеат во услови на пандемија. Но, таа додаде:
„Ги поддржувам сите што преживеале каква било злоупотреба и сум горда што решиле да прозборат јавно.“
Причината за ваквата објава на Сара е откако нејзината колешка Каризма Карпентер објави на Твитер дека Вендон ја злоупотребил својата моќ во повеќе наврати, на сетот од сериите „Бафи“ и „Ангел“, особено откако дознал дека таа е бремена и ја прашувал дали ќе го задржи бебето.
Бременоста на актерката била вклопена и во серијата, но откако се породила, таа добила отказ. Карпентер изјави дека таа решила сега да прозбори, бидејќи била инспирирана од актерот Реј Фишер кој играше во „Лига на правдата“ и го обвини Вендон за „насилство, непрофесионализам и тотално неприфатливо однесување“ додека го снимале филмот за суперхероите во 2017 година. На ваквите објави кои се појавија лани во јули, Вендон реагираше со молк, додека продукциската компанија „Ворнер медија“, која го снимаше филмот, спроведе истрага.
Набрзо откако Карпентер ја објави пораката на Твитер, другите колешки од „Бафи“ ѝ ја искажаа својата поддршка и објавија свои приказни за тоа што се случувало на сетот од шоуто, кое се прикажуваше од 1997 до 2003 година.
Трачтенберг кога ја играше помалата сестра на Бафи, Дон, ја сподели објавата од Сара на својот инстаграм-профил и искоментира дека однесувањето на Вендон со неа било несоодветно, со оглед дека таа тогаш била тинејџерка.
„Ти благодарам @saramgellar што го напиша ова. Сега сум многу храбра како 35-годишна жена, да го реобјавам ова. Треба да се знае дека како тинејџерка не ми беше пријатно да го трпам неговото однесување. Тоа што тој го направи е многу лошо. Но, ние победивме затоа што преживеавме!“ – напиша Трачтенберг.
Нејзиниот портпарол подоцна изјави дека дополнителни изјави нема да даваат.
Бенсон, која ја глумеше Тара, другарка на вештерката Вилоу (Алисон Ханиган), лик кој беше убиен во шестата сезона од „Бафи“, на Твитер напиша дека шоуто било „токсична средина почнувајќи од врвот надолу“.
„Многу штета се направи во тоа време, а многумина од нас сè уште се бориме со последиците и по дваесет години“, додала Бенсон.
Клер Крејмер, која ја играше негативката Глори во петтата сезона од серијата, изјави дека ги поддржува Карпентер, Бенсон и Фишер, како и другите колеги што имале сила да излезат јавно и да ја кажат вистината.
„Многу работи треба да се сменат во оваа индустрија“, додаде таа.
Портпаролот на Вендон ги негираше изјавите на Карпентер и одби да ги коментира објавите на Трачтенберг и Бенсон.