Руските сили ноќеска, четврта ноќ по ред, го нападнаа украинскиот пристанишен град Одеса. Гувернерот на регионот Одеса, Олех Кипер, наведе дека Русите ноќеска напдите ги префрлиле од пристанишната инфраструктура кон земјоделските комбинати во регионот.

„Русите ја нападнаа Одеса со крстосувачки ракети „Калибр“ од Црното Море. Обидувајќи се да ги заобиколат системите за противвоздушна одбрана, непријателот ги насочи ракетите на минимална висина, користејќи ги карактеристиките на теренот, По три последователни ноќи на моќен ракетен терор против пристанишната инфраструктура, тие ноќеска се префрлија на земјоделските комбинати во регионот“, напиша Кипер на каналот Телеграм.

„Уништија 100 тони грашок и повредија двајца вработени“, додаде тој.

„Две ракети ги погодија силосите на една од земјоделските компании. По првиот напад избувна пожар и додека пожарникарите го гасеа огнот, беше издадено предупредување за втор воздушен напад. Втората ракета ја погоди истата компанија, при што беше оштетена земјоделска и спасувачка опрема. Пожарот на површина на повеќе од 200 квадратни метри е изгаснат“, изјави гувернерот на Одеса на Телеграм, додавајќи дека „непријателот уништи 100 тони грашок и 20 тони јачмен“.