Поскапуваат буквално сите енергенси за загревање на домовите. Пресметките покажуваат дека според цените на гасот на светските берзи, парното реално би требало да поскапи за дури 150% но, Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе ја соопшти одлуката за новата цена на топлинската енергија, која ќе важи од понеделник.

Но, поскапуваат и алтернативните начини за греење, како огревното дрво и пелетите, за кои во изминатиот период државата делеше субвенции со цел да ги поттикне граѓаните да се префрлат на поеколошко греење.

Пелети едвај се наоѓаат, а нивната цена е речиси двојно повисока. Македонија е увозно зависна кога станува збор за овој ресурс за греење. На годишно ниво се трошат околу 120.000 тони пелети, а во земјава се произведуваат едвај 20%. Увозниците на пелети велат дека пазарот ги диктира цените и тоа што државата забрани извоз на пелети во случајов нема да придонесе да се намали нивната цена.

Ако претходно вреќа пелети чинела од 180 до 210 денари, сега се продава за цена од 360 до 390 денари. Во меѓувреме, по владина одлука, пазарните инспектори проверуваат на терен дали поскапувањето е основано.

Државната статистика пресмета дека за една година струјата и парото поскапеле за 9,4%, а гасот и горивата скоро 65%. Во меѓувреме, алармот го вклучија и јавните комунални препријатија, кои се жалат дека не можат да опстанат со неколкукратно повисоките цени на струјата. Доколку не се преземе нешто не е исклучено да поскапат и водата и комуналиите за граѓаните. Се очекува во текот на следната недела да се состанат претставници на владата и на комуналните претпријатија, со цел да се најде решение за овој проблем

Извор Сител