Норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт ги демантира информациите изнесени пред два дена од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во Собранието, дека норвешки воени експерти оцениле дека македонскиот главен хирург, предводник на македонскиот тим, не знае да изврши основни хируршки операции.
– Пред два дена, пратеникот Бојан Стојаноски во Собранието тврдеше дека има информации за содржината на норвешкиот воен извештај. Тој тврди дека во овој извештај норвешките воени експерти оцениле дека македонскиот хируршки тим не може сам да ги извршува своите должности. Тој исто така тврди дека македонскиот главен хирург не знае да изврши основни хируршки операции. Има многу проблеми во неговата изјава. Прво, нема таков извештај, и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката армија не се достапни на други, освен на оние кои треба да ги знаат, вели во соопштението норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт.
Тој прашува дали Стојаноски самиот ги смислил овие информации или ги прифатил некритички од некој друг што ги кажал?
Второ, нагласува норвешкиот потполковник, обвинувањата против членовите на македонскиот хируршки тим не се точни.
– Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно. Трето, изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој и служи на својата земја и на нашата Алијанса од безбедна и привилегирана позиција, како пратеник во македонскиот Парламент, според мене како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо, подвлекува потполковникот Далтвејт.
Тој информира дека му пишал на Стојаноски и бил во контакт со раководството на неговата партија.
– Заедно со раководството на партијата го замоливме јавно да се извини. За жал, јавно извинување немаше. Тој само ми испрати мејл во кој ги обвини медиумите за она што го кажал, како тој самиот да не е одговорен за своите зборови. И тој само ми се извини што ги повредил моите чувства. Тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја давам оваа изјава за да ги изнесам фактите во јавноста, истакнува норвешкиот потполковник.