Народниот правобранител Насер Зибери предупредува дека околу 2 илјади затвореници среде пандемија немаат пристап до лекар, а без грижа се оставени и затворениците зависници од дрога.
„Психијатар скоро никаде нема, не се снабдени доволно со простор и средства, не се снабдени со медикаменти. Министерството за зравство не ја сервисира законски првидената услуга, не многу добро, не задоволително, туку ни минимално“, обвинува Зибери.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека се разгледуваат две опции за решавање на проблемот.
„Имаше оглас во здравствените домови, но не се јави ниту еден лекар затоа сега се прави поинаков план, да има финансиска стимулација за лекарите што ќе работат во затворите или да биде по систем на ротација“, вели Филипче.
Народниот правобранител се жали дека на приведените лица не им се овозможува правото на адвокат, така што правото на бранител лани го искористите само 1 процент од полнолетните и 3 проценти од малолетниците.