Пишува: Владимир Перев

Две држави, Македонија и Бугарија веќе 48 часа водат дискусија и расправаат за позициите на некаков нон-пејпер, кој би требало да ги разреши македонско-бугарските историски недоразбирања. Најинтересното е што речи си никој, од нас кои пишуваме, не сме ја виделе неговата точна, веројатно англиска верзија, така што сета работа, сите писанија се само за заострување на и онака нажежената ситуација.
Денес сѐ се покрива со зборчето “мулти“, ставено како префикс на реалните нешта, но и на многу глупости. Слушаме да мултидисциплинарно, мултиетничко, мултиконфесионално и други нешата, за сега да чуеме и за некаков “мултиперспективен“ приод кон историјата, т.е. Секој да си ја објаснува онака како што одговара на неговите, односно националните интереси на секоја држава и нација. Тоа би било нешто како мулти-перспектива кон иднината, со мулти-затемнување на минатото. Проблематичниот нон-пејпер некако дискретно заговара такви “минати перспективи“.
Сите знаеме дека се работи за ординарна глупост, потхранувана од политички персони и на двете држави, кои во името на некакви сопствени политички интереси се трудат да ги запрат процесите на конечно регулирање на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Обичните луѓе како мене и ред други, сакајќи или не, ја прифаќаат оваа позиција од немајкаде, ама остануваат некакви дилеми, како за погледот кон минатото, така и за “перспективите“ кон иднината.

Ако го прифатиме неспорниот факт дека Германија и Јапонија се меѓу десетте најбогати земји на светот, со најсилна економија но и со силни воени ресурси, способни да ги претворат во навистина големи сили, тогаш нели е мултиперспективно да се запрашаме кој ја доби Втората светска војна. Неспорно е дека тоа е Америка, но за другите има многу размисли околу перспективата, Дали војната ја доби Велика Британија, која по Втората светска војна ја изгуби својата империјална сила, дали војната ја доби СССР/Русија и Црвената армија, ако денес тоа е една од најбедните земји на светот, без оглед на огромните природни богатства, толку несправедливо распоредени. Од 1950 година до денес, Америка од 150 милиони жители, се накрена на речи си 300 милиони, а Русија/СССР веќе сто години не можат да ја надминат бројката од 150 милиони. Југославија беше меѓу победниците во Втората светска војна, па земјата ја снема во “прав, пепел и крв“ а филмаџиите од цел свет, уште многу години ќе прават филмови за злосторничките југословенски народи. Конечно, се отвора и тешкото прашање за оправданоста на војната, па може (низ германско-јапонските-финските-романските-италијанските -бугарски училишта и институции) да се учи, говори и пишува дека таа војна била оправдана и нужна за спас на тие народи.

За Првата светска војна знаеме дека била империјалистичка, за завладување колонии, пространства и народи. Потоа доаѓа Хитлер и се внедрува верувањето за него како подстрекач на Втората светска војна. Тоа е точно, но дали некој ќе се сети како големиот француски политичар Жорж Клемансо во својот победнички говор пред францускиот парламент по победата на Франција во Првата светска војна, бара “германското племе, нација и култура да бидат збришани од картата на Европа, да не постојат повеќе никогаш“.
Заради тоа, заради таквите глупави и националистички изјави на Клемансо и тие како него, Америка по втората светска војна го промовираше Маршаловиот план за возобновување на разрушената Европа, без оглед дали се работи за покорената Германија или победените Франција, Англија, Грција и другите членки на антихитлеровската коалиција.
Маршаловиот план ги воздигна материјалните ресурси на поразените, но не дозволи ревидирање на основните поставки за вината во војната, за позициите на победник и поразен, па сѐ до денешен ден тие постулати внимателно се пазат и строго се применуваат. Нема “мултиперспективност“ во погледот кон минатото, има цврсти позиции за заедничката иднина, единственото нешто што е гарант за прогрес. Затоа, во германските училишта се учи за нацизмот како ретроградна идеологија, французите го смирија својот антигерманизам, а Велика Британија се бори за сопственото место во светот, свесна дека не е веќе онаа империјална сила на која денес едвај некој се сеќава.
Словенските народи, паднати во канџите на комунизмот никогаш не ја разбраа суштината на проблемот за погледот кон историјата, а Македонија дури и не гласаше за резолуцијата на ПАССЕ во која се осудува комунизмот како злосторнички, нечовечки режим, заедно со нацизмот. Затоа, наместо на пат кон Европа, ние сме во ќорсокак, толку пластично покажан како обична ориентална деспотија, без вистински политички и економски живот.

Дали желбата да се разбереме меѓусебно, ќе не доведе во ситуација, во Бугарија да тврдиме дека Гоце Делчев и Даме Груев се бугари, а во Македонија дека се македонци. Има и други опасности, нови закрвувања. Ако во Македонија кажеме дека членовите на Врховниот комитет се “бугари, продажници на македонските национални интереси и слуги на бугарскиот двор“ а членовите на Централниот комитет на ВМОРО се “македонци и патриоти“, тогаш како македонските и бугарските деца и младинци заедно ќе летуваат и ќе разговараат, толку често посочуваната желба на Заев и Борисов. Тогаш, подобро никогаш да не се изгради пругата Скопје-Софија, нашите деца да не се сретнат, а односите да останат замрзнати, онака како што е и во последниве осумдесетина години.
Нема дилеми во македонско-бугарските односи, нито на државен, ниту на историски план. Македонската државност датира од 8 септември 1991 година, а признаеноста на македонската нација е врзана со АСНОМ и Илинден 1944 година. Пред тоа имаме само српска/југословенска окупација и бугарска националност, култура и образование. Сѐ друго се само пројави на македонизам, апсолутно неважни на големиот, широк поглед на историјата и државноста. До 1944 година нема македонска нација, нема ни држава, тоа е факт. Нема и именување на нешто како “македонско“, освен за она што треба да посочи на бугарско, од македонските територии…чист еуфемизам!

Целото македонско револуционерно движение е бугарско, а на другите им остануваат фашистичките организации од типот на “Удружење за борбу против бугарских бандита“ и слични други профашистички организации на територијата на Македонија, организирани од српската/југословенската полиција.

Сите дејци на ТМОРО/ВМОРО/ВМРО припаѓаат на бугарскиот етнички/национален корпус, како и оние другите, кои “војувале“ со силата на перото и интелектот. Сите паднати во меѓусебните пресметки на улиците на Софија во битките меѓу леви и десни, во битките меѓу михајловистите и протугеровистите, сите тие се бугари по својата национална и етничка припадност.
На македонската нација и држава и остануваат оние после 2 август 1944 година, даже и тие се проблематични, како по својата подоцнежна судбина, така и по своите подоцнежни делувања.
Се надевам дека и во Бугарија и во Македонија има свесни, нормални и морални луѓе кои нема да дозволат национално и морално осакатување на идните генерации. Релативизирањето на историјата, тезите дека нештата “се вака, ама може и онака“, само го отвораат патот кон нови конфликти и стигматизации. Историјата треба да се каже јасно и отворено, а замаглувањата со некаква “мултиперспективност“, само водат кон нови и во даден момент, крвави разврски. Минато не научи на тоа.
Конечно, македонските бугари, прекалени во борбите со српскиот/југословенскиот национализам и шовинизам, никогаш нема да прифатат да бидат некаков спореден народ на кого му е понудена алтернативна историја, во замена за молчење и понизен статус. Македонија е наша земја и ние сме наследници на богатата историја. Да, ние, заедно со другите сме творци и на нејзината државност, но да не се заборави, ние сме темелот на таа државност, од Првиот Илинден до денес. Тука не помага никаков нон-пејпер. Тоа треба да се знае и во Софија и во Скопје!