Активистката Малала Јусуфзаи од Пакистан која беше застрелана од талибанската организација бидејќи се залага за женските права на образование ќе ја краси новата насловна на британскиот „Vogue“.
Во профилот за списанието „Vogue“, 23-годишната Малала зборува за дипломирањето на Оксфорд, новиот договор со „AppleTV“ и нејзината иднина како телевизиски продуцент, нејзините идеали и ставови, љубовта и прилагодувањето на младалашкиот живот.
„Ја знам моќта што младата девојка ја носи во срцето“, изјави Малала која е најмладата добитничка на Нобелова награда за мир, зборувајќи за нејзините пријателства со други млади активистки како Грета Тунберг и Ема Гонзалес.
Во прилог на интервјуто, во јулското издание на „Vogue“ ќе се појават и посвети од нејзините значајни обожаватели, вклучувајќи ја и поранешната прва дама Мишел Обама, која за Малала вели дека е „вистински извонредна“ и извршниот директор на „Apple“ Том Кук, кој за „Vogue“ рече „Мислам дека нема некој што е сличен на неа“.
Активистката зборува за значењето на нејзината внимателно избрана облека
Фотографирана од Ник Најт, младата нобеловка ја красеше насловната на „Vogue“ во црвен аутфит од Стела Мекартни и шамија. Во списанието е фотографирана како носи друга туника и ленени панталони од уругвајската дизајнерка Габриела Хрст кои се комбинирани со контрастна плава шамија.
„Шамијата е културолошки симбол за нас Паштуните. Кога ние Муслиманките, Паштуни девојките или Пакистанките носиме трационална облека, се претпоставува дека сме под опресија, дека немаме глас или живееме под шаката на патријархатот. Сакам да им кажам на сите дека може да се чуе индивидуалниот глас во културата и може да имаш еднаквост во сопствената култура“, изјави Малала за „Vogue“.
На нејзиниот инстаграм-профил таа напиша дека е „возбудена и почестена“ да биде на насловната страница и се надева дека „секоја девојка што ќе го види списанието, ќе знае дека може да го промени светот“.
Како изгледа нејзиниот живот сега
Борејќи се долго за човечките права и женските права на образование Малала стана светска сензација кога на 15 години беше застрелана во главата од талибанската организација. Преживеа благодарение на брза реакија со хеликоптер која ја однесе во болницата „Квин Елизабет“ во Бирмингем во Велика Британија, каде што подоцна ја основа својата непрофитна организација „The Malala Fund“.
Минатата година Јусуфзаи дипломираше на Оксфорд со диплома во политика, филозофија и економија и неодамна лансираше своја продукциска куќа „Extracurricular“. Неколку годишниот договор со „AppleTV“ ќе ја поддржи во продуцирање на документарци за женски права и правата на образование, комедии и анимирани филмови и филмови за деца.
„Конечно имав време за себе и бев возбудена буквално од сè, од јадење во „МекДоналс“, до играње покер со пријателите. Го уживав секој момент бидејќи немав доживеано многу работи претходно. Не сум била во друштво на луѓе од мојата генерација, бидејќи се опоравував од инцидентот (обидот за убиство од страна на талибанската организација) патував низ светот, објавив книга и документарец и се случуваа многу работи“, вели Јусуфзаи.
Родителите на Малала имале „договорен брак“, си се допаднале еден на друг, па нивните родители ја организирале врската, опишува таа. „Не разбирам зошто луѓето мораат да стапат во брак. Ако сакаш со некој да го поминеш животот во партнерство зошто мора да потпишеш документ?“, вели таа. „До втората година на факултет мислев дека нема никогаш да стапам во брак и да имам деца – само ќе работам и ќе бидам среќна и ќе живеам со моето семејство секогаш“, продолжува „Не размислив дека не остануваш истиот човек засекогаш. Постојано се менуваме и растеме“.
По неколкуте животи изживеани во нејзините 23 години, се чини дека иднината ѝ е на дланка. „Мораш сам да си ја најдеш иднината“ , вели младата нобеловка Малала.