Националната компанија „Железничка инфраструктура“ (НКЖИ) на Бугариja денеска ја објави јавната набавка за новата железничка трасе од Ѓуешево до границата со Република Северна Македонија – единствениот дел од Коридорот VIII што недостасува на бугарска територија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Тендерот опфаќа проектирање и изградба на 2,4 километри железничка линија, како и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, која ќе стане гранична патничка и товарна станица за Шенген-зоната. Последните 420 метри од трасата се издвоени како посебна позиција, бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на трансграничниот тунел, со цел да не се попречува работата на тешката механизација за време на тунелските активности. Индикативната вредност на набавката е 114 милиони лева, а завршувањето е предвидено до крајот на 2028 година (без последните 420 метри).
Покрај ова, НКЖИ распиша уште еден тендер – за модернизација на 17-километарскиот дел од Перник до Радомир. Проектот вклучува изградба на двојна железничка линија за брзини до 160 км/ч, реконструкција на станици и постојки и отстранување на сите премини на исто ниво со автомобилски и пешачки сообраќај за поголема безбедност. Вредноста на овој проект изнесува 462 милиони лева, а завршувањето е планирано до средината на 2029 година.
Двата проекти претставуваат клучен чекор во реализацијата на Коридорот VIII на територијата на Бугарија и исполнување на обврските за целосно поврзување на железничката мрежа меѓу Бугарија и РС Македонија. На средбата кон крајот на јуни, вицепремиерите и министри за транспорт на Северна Македонија и Бугарија, Александар Николоски и Караџов, се договорија изградбата на недостасувачката железничка врска да започне уште во јули, како и да се забрза потпишувањето на спогодбата за заедничка изградба на тунелот. Бугарската страна веќе ги прифати предложените редакциски измени од македонска страна и ќе предложи датум за официјално потпишување на документот.