Земјотрес со јачина од пет степени според Рихтеровата скала вечерва ги погоди Пелопонез, поточно Патра и пристаништето Килини. Засега нема информации за евентуална материјална штета, но населението е вознемирено, многумина излегоа на улица.

Земјотресот беше почувствуван и на Закинтос и Кефалонија, кои исто така беа погодени од силно невреме во последните денови. Многу куќи и продавници беа поплавени, поројот носеше се пред себе, ги уништи прекрасните плажи на овие острови.

Серијата земјотреси во Санторини која трае речиси еден месец не стивнува. Во текот на денот беа забележани десетици земјотреси, од кои најсилниот беше 5,1 степен, кој беше почувствуван и во Атина, по што следеа неколку земјотреси со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала.

Жителите на Санторини како и на Аморгос и Иос се исплашени бидејќи сеизмолозите се уште очекуваат силен земјотрес од 6 степени по кој најверојатно ќе следи цунами.

Нема прецизно објаснување за 20.000 земјотреси кои се случија од 27 март, но се претпоставува дека тие се и од тектонско и вулканско потекло и дека не е невозможно во одреден момент да дојде до помала ерупција со цел да се ослободи акумулираната енергија предизвикана од издигнувањето на магмата на површината.

Сеизмолозите велат дека двата главни вулкани во оваа област не се активирани и дека ерупцијата, доколку се случи, може да значи и создавање на нов подводен вулкан.

На островите на сила е вонредна состојба, граѓаните имаат прецизни упатства како да се однесуваат во случај на силен земјотрес. Армијата, пожарникарите, спасувачите и групите сеизмолози се во состојба на готовност и деноноќно ги следат сите промени во морската длабочина.

На островот има група психолози кои им помагаат на жителите кои не го напуштиле островот и живеат во страв, кои покажуваат знаци на замор и се исцрпени од секојдневните земјотреси, со кои се потешко се справуваат.

Мал број локални жители и сезонски работници се вратија од оние 12.000 кои првите денови во паника го напуштија островот. Сите велат дека помалку се плашат од тогаш, но дека мора да се вратат во своите домови.