Пишува: Ивон Величковски
Префрлањето на одговорноста за кочански „Пулс“ е обид за релативизирање на дводецениското партиско содејство што доведе до трагедијата во мандат на ВМРО-ДПМНЕ.
Бидејќи веќе не може со СДСМ меѓусебно да се амнестираат.
И тоа ќе остане така се додека постои сеќавањето на жртвите, на болката на нивните семејства и се додека се видливи последиците на преживеаните.
Затоа секој протест и секоја слика на загубата и траумата е „удар“ за замислата „партијата“ да биде побитна од жртвата.
Во обид да ја контролира штетата, ВМРО-ДПМНЕ на в.д. кочанскиот градоначалник му сервираше „минско поле“: да има обврска да руши дивоградби, но да функционира во околности во кои тоа тешко ќе го спроведе. Сепак, опстојувајќи на законот, сега за сега им ја пресретнува играта.
СДСМ се обиде да се прикачи на неговата позиција.
Но тој ќе ги има позицијата и влијанието само ако не се приближи кон било која традиционална партија, вклучително СДСМ, Левица… сеедно.
Бидејќи и во „Пулс“ и во „Модуларна“ жртвите се последица на истата свесна институционална немарност во име на нелегален профит и корупција, односно во мандатите на традиционалните партии.
Претставувајќи ја жалта на родителите како „политичка инструментализација“ ВМРО-ДПМНЕ свесно се откажа од политиката како служење на граѓаните низ институциите.
Значи само ќе се бори за поволен изборен резултат, а не за политика и за контрола на институциите, а не за одговорно владеење. Неодговорно и бесчувствително кон жртвите, семејствата… и целиот народ и нацијата.
Обидот на СДСМ да каже „ние сме лоши, ама тие се полоши“ е еднакво откажување од суштината на политиката и партиите – функционализирање на системот низ санкција и легеслатива за „Пулс“, „Модуларна“, „Ласкарци“… да не се повторат.
Затоа реакцијата и низ истрагата на Обвинителството е резултат на притисокот за правда и одговорност кој доаѓа надвор од партиите.
Оттука и при подобри рејтинзи одошто оние на парламентарната опозиција, ВМРО-ДПМНЕ гледа опасност во еден нов политички процес во кој традиционалните собраниски партии не можат да ги адресираат или претставуваат ниту Македонците ниту немакедонците во источниот и централниот дел на Северна Македонија.
За ВМРО-ДПМНЕ ова е пресметка со непознат противник во која собраниската опозиција не му е закана, туку само потенцијален содружник: традиционалните партии можат само да ги прераспоредуваат своите „определени“ гласови.
А фактички се изолирани од граѓаните кои не се партиски членови, не бараат административно вработување или јавен тендер.
Ова е далеку побројна категорија од вкупниот партиски електорат и овие луѓе воопшто не ги слушаат партиските Пи-аРи.
Затоа што од Кочани наваму, тие партии и раководства се на една – а сите ние на друга страна.
И остануваме одделени од нив, а заканите, омаловажувањата, партиско-медиумските спинови само не прават порешителни да опстоиме на определбата: радикална промена, а не обична замена.
За жртвите на овие 35 години имитација на држава да добијат правда, а преживеаните – живот.
*Наловот е на редакцијата