Посебноста на македонскиот јазик е светски признаена и потврдена во Обединетите Нации, вели поранешниот медијатор за спорот со името Метју Нимиц, во интервју за Канал 5.
Нимиц во интервју за Канал 5, прашан да направи споредба во односите и спорот со Грција и сега со Бугарија, вели дека за грчката страна проблемот никогаш не бил идентитетот и јазикот, а сега станува збор за поинаков проблем.
-Овие прашања се уникатни, имало ситуации кои биле слични, но и не така слични. Знаете Преспанскиот договор се осврнува на јазикот, не го користи зборот идентитет бидејќи тоа не е правен збор. Македонскиот јазик е прифатен одамна и ширум светот луѓето знаат дека македонски јазик постои. Спорот со Грција не беше воопшто за јазикот туку за името на јазикот. Со други зборови, грчката страна немаше проблем што имате убав јазик, посебен јазик. Но нивниот проблем беше дека ако се вика македонски јазик дека би можело да даде впечаток дека има поврзаност со античките Македонци. Спорот со Бугарија е поинаков, во однос на потеклото на јазиците. Јас не сум експерт за тоа, тоа не беше прашање во Договорот од Преспа, но е прашање за кое тие сакаат да разговараат, така што тоа е предмет на дискусија, вели Нимиц.