Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева си поднесе неотповиклива оставка.

На денешната прес-конференција, таа изјави дека, изминатиот период од страна на одредени политичари се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет.

„Премиерот Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници“, додаде Дамева.

„Во неколку наврати, тој и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Во телевизиско гостување, истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. Поразително е за една демократска држава“, истакна Дамева.

Одлуката, како што рече, ја донела за да го заштити својот углед, но и семејството.

Претседателката на Судскиот совет го посочи и името на пратеникот Антионио Милошоски. Според неа, биле изречени сериозни закани за кривична одговорност, толкувајќи една правна ситуација, која според неа, е далеку од правото и правната доктрина.

„Кога совеста ти е чиста, ништо не може да ти го наруши сонот“, додаде Дамева.

„Никому нема да дозволам да го валка мојот образ, да го споменува во негативен контекст, да прави обиди за нарушување на мојот интегритет. Мојот образ нема цена. Моето име и презиме не се извалкани никогаш. А мојот интегритет и во најтешките моменти сум успеала да го докажам и да го зачувам“, подвлече Дамева.