Министерот за земјоделство преку социјалните мрежи се огласи по повод видеото кое го објави Анима Мунди, а на кое се гледаат повеќе лица како врзале живо јагне за маса и се забавуваат околу масата.
-Згрозен од монструозниот чин на инспекторот за благосостојба на животните во подрачната единица Берово, на Агенцијата за храна и ветеринарство, најавувам итно постапување, и преземање на сите дисциплински мерки од страна на АХВ. Предизвикување стрес, малтретирање, и непотребно страдање на невини животни е за секаква осуда, напиша Николовски на Фејсбук.
Сточарот Александар Мачевски од пехчевското село Робово, во врска со написот на Анима Мунди за инспектор што малтретира јагне изјави дека снимката е лична и приватна направена во неговиот дом како традиција што секоја година се прави во домот на сточарите кога ги продаваат јагнињата.
-Се свири песната „Изгубеното јагне“ и се донесува јагне како адет и традиција и мора да биде врзано. Ако може да забележите јагнето не е малтретирано, мачено и ,заколено” и после песната е пуштено кај неговата мајка затоа што се верува дека на тој начин ќе има повеќе јагниња следната година. Со вашиот натпис ми го нарушувате угледот на мене лично и на моите гости. Доколку не се повлече и избрише натписот приморан сум да преземам правни дејствија против здружението, вели Мачевски во својата изјава.
Александар Мачевски заедно со неговите браќа се сопственици на фармата „Мачевските деца” која се занимава со одгледување говеда, овци и крави, која како семеен бизнис егзистира од 2006 година.