Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска на редовна координација со седумте надлежни институции за борба со корупцијата го презентираше степенот на реализација на мерките од Планот за борба против корупција, како и идните активности што надлежните институции треба да ги преземат според задолженијата од Планот.
– Беше констатирано дека реализацијата на Планот за борба против корупцијата е во напредна фаза, но и дека е потребно дополнување со нови мерки во делот на борбата против корупцијата, соопшти Кабинетот на Николовски по работниот состанок на кој присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, директорот на Царинската управа Горан Сугарески, директорот на Управата за финасиско разузнавање Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финасиска полиција Арафат Муареми, претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашковска и преставници од Министерството за правда.
Како што се наведува во соопштенито, вицепремиерот Николовски посочи дека во однос на дигитализацијата на процесите, сите институции надлежни за борба против корупцијата, веќе се поврзани на платформата за Интероперабилност и започнуваат со размена на информации и податоци преку оваа платформа. Во следната фаза, овие институции ќе бидат поврзани со Централниот регистар на население, со цел брзи и ефикасни постапки.
– До втората половина на август, сите министерства треба да извршат анализа на законите во нивна надлежност, односно мапирање на одредбите кои ги содржат процесите, што треба да се дигитализират, услугите, условите, доказите, начинот на комуникација и начинот на достава. Се работи за крупна реформа, којашто бара измена на 150 закони, но истовремено се работи за процес којшто е од исклучително значање, пред се, за граѓаните, но и механизам кој значително ќе придонесе во спречувањето корупција, преку елиминирање на човечкиот фактор, информира Кабинетот на вицепремиерот Николовски.
Во соопштението е наведено дека Дигиталната агенда ќе се комплетира со подготовка на модул за пријавување корупција, како дел од платформата Е-услуги, што веќе е во тек.
Вицепремиерот Николовски на состанокот информираше дека во завршна фаза е подготовката на Кампањата од јавен интерес за спречување на корупција, којашто започува летово. Целта е да се подигне свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција.
– На состанокот се отвори дискусија за предлог-мерки кои надлежните институции за борба против корупција, треба да ги воведат се со цел ефикасно постапување и сузбивање на ситната коруцпија со која се соочуваат граѓаните. Една од предложените мерки беше воведување аудио и видеонадзор на специфични работни места во институциите, каде што постои ризик од корупција. Исто така, беше предложено во јавните обвинителства во државата да се имплементира посебен систем за распределба на предмети. На овој начин, распределбата на предметите би била електронска, со што се потигнува минимизирање на човечкиот фактор и субјективното одлучување при распределување на предметите кај обвинителите, соопшти Кабинетот на Николовски.
Една од мерките што беше посочена и на која веќе се работи е за проширување на опсегот на лицата коишто треба да поднесуваат изјава за имотна состојба и судир на интереси, со која се зајакнуваат механизмите во борбата против корупцијата и судирот на интереси во јавниот сектор на повеќе нивоа, односно лица кои вршат посебни овластувања, контроли и инспекциски надзор.
– Вицепремиерот Николовски, порача дека имплементирањето на мерките од Планот за борба против корупција бара заеднички напори, вложувања од сите институции и ставање во функција на сите капацитети, додавајќи дека на тој начин ќе сe постигне целта за систем кој превенира корупција и ја враќа довербата на граѓаните во институциите, се наведува во соопштението.