Се надевам дека денешната порака на консензуалност и политичка култура што надвладеа во државата ќе продолжи и во други сфери, за да си го средиме системот, да ја намалиме разочараноста, да нема партизација, да нема врски, да ја вратиме довербата на младите во системот и во државата. Верувам дека ова е само почеток за некои покрупни промени што би ги очекувале.
Ова го изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николоивски вечерва во дневникот на Сител, во врска со донесените измени во Собранието на Законот за земјоделство и рурален развој, со кој се отстранува пречката за исплата на субвенции за 20 000 тутунопроизводители.
Информира дека до петок решенијата за исплата на субвенциите ќе бидат во трезорот на Министерството за финансии. Николовски е дециден дека воопшто не станува збор за кратење на субвенциите, тврди дека обемот на субвенционирање останува ист. Пари за субвенции има, потенцира, и има пари за тутунарите, а тоа се милијарда и 300 милиони денари или над 20 милиони евра.
Првпат оваа година со денешните измени, нагласи тој, се воведува авансна исплата односно 30 проценти да ги добиваат земјоделците субвенции во текот на годината односно да имаат средства и пари пред почетокот на самата сезона.
Николовски најави дека ова е вовед во промени на моделот на субвенционирање што се најавува од наредната година.
– Не може повеќе да се субвенционира се и сешто. Оваа година мора да се направи детална анализа, што е стратешки и значајно за државата, тоа што успева согласно климатските услови во нашата држава, ќе продолжи да се субвенционира, истакна министерот за земјоделство.
Потсети дека минатата година имало 205 милиони евра исплати од сите програми, вклучително и КОВИД-програмата, а оваа година го има и интервентниот фонд за 40 проценти поддршка за вештачко ѓубриво.
Додаде дека со овие измени се воведува 40 проценти авансна исплата за стартап-инвестициите на младите фармери. Се воведува 100-процентна поддршка за зелена нафта и има многу нови мерки и со законите кои се уште се во собраниска процедура.
Министерот Николовски појасни дека земјоделците мора да бидат целосно раздолжени кон УЈП по секој еден основ, но како услов за исплата на субвенции не е воведено од оваа Влада, туку е воведено во 2015 година. Николовски истакна дека не е точно оти 26 пати се прави оваа законска измена, туку е техничка измена што се прави секоја година пред почетокот на исплата на субвенции од годинава.
Тој додаде дека во Министерството три месеци се фокусирани да креираат и веќе има над 30 законски решенија, кои очекува во наредните месеци да се финализираат и да бидат усвоени од пратениците.
Прашан колку од парите предвидени со ребалансот на Буџетот, ќе бидат насочени кон поддршка на производството на стратешките култури, сончоглед, пченка, пченица и дали ќе се посвети доволно внимание на ова, Николовски информира со ребалансот се предвидуваат околу 50 милиони евра само за директни плаќања. Дополнително, 500 милиони денари со ребалансот се добива во интервентниот фонд.
До денеска во овој месец на неделна основа за стратешките култури, особено за сончоглед, пченка, пченица и јачмен, има околу три илјади апликации за субвенционирање на вештачко ѓубриво од 40 проценти.
– Тоа ми дава за право да потврдиме дека очекуваме оваа година дуплирано производство на сончоглед. Очекувам со интересот што го имаме, особено со доделување на државното земјоделско земјиште, денеска е јавното наддвање за пет илјади хектари, само за пченица, пченка и јачмен и сончоглед, интересот е три пати поголем од најдоброто време на државата, изјави Николовски