Единствено заедно и со меѓусебна поддршка можеме да обезбедиме одржливи системи за храна, да се бориме против деградацијата на агро-системите и да го подобриме животот на нашите граѓани, кон почиста, побезбедна и поздрава иднина, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на состанокот со неговите колеги од Југоисточна Европа во Црна Гора.

Николовски, на шеснаесетиот по ред годишен работен состанок, во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој, на кој учествуваше и федералниот германски министер за земјоделство, Џем Оздемир, со министрите за земјоделство од Југоистична Европа, разговараше за продлабочување на регионалната соработка помеѓу земјите од Југоисточна Европа, како и за идентификување на меѓусебните потреби и интереси за постигнување на стратешки цели на Зелената агенда за Западен Балкан, кои потоа како ставови ќе бидат изнесени за Акцискиот план 2021/2030.

– Република Северна Македонија се покажа како сериозен партнер на Европската Унија преку спроведувањето на ИПАРД програмите. Со преку 97 проценти искористеност на ИПАРД II Програмата, со повеќе од 300 потпишани договори со корисници на ИПАРД 2 и со речиси 2000 реализирани исплати по овие договори, Европската комисија донесе одлука за зголемување на средствата за ИПАРД III за нашата земја. од 60 до 97 милиони евра. Заедно со нашиот придонес за ИПАРД III, имаме на располагање вкупно 210 милиони евра во следните седум години за инвестиции во развојот на земјоделството, нагласи Николовски.

Како што соопштија од МЗШВ, Николовски навел и дека се разгледува и можноста за започнување на нова политика на поддршка во земјоделството, со авансно плаќање од 50 проценти за ИПАРД проектите.

– Северна Македонија ги интегрираше главните цели на Зелената агенда за Западен Балкан во сите мерки од ИПАРД III Програмата, со цел да придонесе за постигнување на нејзиниот Акциски план за периодот 2021-2030 година, особено во усогласувањето на земјоделско-прехранбената и примарниот производствен сектор со стандардите на ЕУ за безбедност на храната, промовирање на органското земјоделство и иновативни технологии, поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија и мерки за климатски промени во земјоделството, истакна министерот.

Министерот посочи дека Република Северна Македонија во последните години, постигна голем напредок во усогласувањето на своето национално законодавство со европското законодавство од областа на земјоделството, како и на измени и дополнувања на пакет законски и подзаконски акти со цел усогласување со најновиот развој на европската регулатива.

– Новиот предлог модел за субвенционирање во земјоделството е уште едно услогласување кое Министерството го прави со европските политики. Го заменуваме стариот систем на субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да покажат доказ дека произвеле, со нов систем на раздвојување каде што земјоделците ќе треба да докажат дека произвеле и испорачале производство, а фокусот се става на значајните култури и производи за државата, потенцираше Николовски.

Во рамки на состанокот министерот Николовски заедно со министрите за земјоделство на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора потпишаа Коминике чија цел е создавање регионална платформа за размена на информации и градење на заеднички политики за заштита на почвите во Западен Балкан.

– Заеднички ќе работиме на идентификација на деградацијата на почвата во регионот преку мониторинг на истата, за потоа да се креираат политики насочени кон одржливо управување со почвата, размена на прекугранично практично искуство, развој на јавни бази на податоци и платформи на знаење. На овој начин заеднички допринесуваме до подобрување на продуктивноста и обезбедување на екосистемски услуги, здрава и достапна храна, пристап до водни ресурси, а со тоа и заштита на биолошката разновидност и адаптација кон климатските промени, заклучи Николовски.