Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски, во рамки на работната посета во Брисел, остварија средба со еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски и директорот на Директоратот за земјоделство и рурален развој Волфганг Буртшер во Европската комисија.

Како што информира прес-службата на министерот Николовски, главни теми за дискусија на средбата биле тековните глобални политички, безбедносни и економски предизвици, со кои денес се соочува земјоделскиот сектор, а пред сѐ земјоделецот како најзасегнат субјект во геополитичките случувања.

-На работниот состанок беа презентирани иновативни решенија и политички мерки, кои имаат за цел да обезбедат одржливост и продуктивност на земјоделскиот сектор, поради стратешката улога во развојот на државите, се вели во соопштението.

Еврокомесарот Војчеховски ја поздравил проактивноста на македонската Влада и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во поглед на донесувањето на закони важни за земјоделството и нивното усогласување со европските регулативи, дури и во време кога како држава се соочуваме со неконструктивна блокада на Собранието од страна на опозицијата.

– Интервентниот план за земјоделството, кој го донесовме, а преку кој во време на криза обезбедуваме дополнителни средства за земјоделците со средства обезбедени од буџет на Владата, беше препознаен и оценет како позитивен пример, од страна на еврокомесарот Војчеховски, како единствен и уникатен начин на помош кој како концепт во моментов не е воведен кај земјите членки на унијата. Воведените програми за субвенционирање на ѓубрива кои во овие услови на криза ги туркаат лимитите на рационален трошок беа оценети како иновативна политичка мерка која, пред се, обезбедува одржливост и генерира продуктивност, велат од МЗШВ.

Развојната компонента која се содржи во програмите за поддршка на мали земјоделци, поддршка за развој на малите винарии како и производители на традиционални производи, од Министерството додаваат дека исто така наиде на поздравување поради фактот што ваков тип на политики се својствени за нашата држава, а истите отсуствуваат кај земјите од регионот и пошироко. На овој начин Северна Македонија, инвестира во малите земјоделци, а паралелно преку програмите на ИПАРД ја развива и преработувачко – конзервната индустрија при што се обезбедува заокружување на синџирот на производство и продажба на земјоделски производи и храна.

Во соопштението се наведува дека „Република Северна Македонија е земја лидер во регионот по однос на искористувањето на средства преку ИПАРД програмата“.

– Забележана е до сега историска искористеност од над 97 проценти од расположливите средства, а нашиот позитивен пример започнува да се следи и од земји во регионот. Успешната реализација на ИПАРД програмата уште еднаш докажува дека сме целосно посветени на процесот на интеграција за членство во Европската Унија, велат од Министерството.

Министерот Николовски изразил голема благодарност за одличната соработка помеѓу тимовите од Северна Македонија и Европската комисија кои работат на олеснување и забрзување на целиот процес, опишувајќи ја како „многу важна за да се обезбеди благосостојба и просперитет на граѓаните на Северна Македонија преку понатамошен развој на земјоделството и производство на здрава храна“.