Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ денеска одржаа средба со членови на граѓанската иницијатива „Стоп за криминал во судството“ кои водат спор преку институциите заради претрпена штета, од, како што велат, корумпиран судија од Апелацискиот суд во Штип. Членовите од иницијативата изјавија дека ваквите проблеми датираат од пред десет години.
– На постапката која се води, и претходеше претставка поднесена до мојот Кабинет, која откако ја добивме, соодветно ја проследивме до соодветните органи на истрагата за понатамошно постапување. Присутните на средбата ја поздравија нашата посветеност во решавање на крупните проблеми и оваа наша посета ја оценија како реткост која треба да се поздрави. Ги уверив дека мојата посветеност ќе биде максимална сѐ додека вистински не дојде резултат. Но, ние нема да запреме тука. Следната крупна задача која ја ставивме во нашата агенда е и прочистување на Јавното Обвинителство. Мораме да ставиме крај на корупцијата во секоја пора на општеството, потенцираше Николовски, пренесуваат од неговиот кабинет.
Министерот за правда Бојан Маричиќ на средбата истакна дека ваквата иницијатива од страна на приватниот сектор е само доказ дека заложбата за функционална правна држава и функционални правосудни институции е заедничка. Маричиќ посочил дека големиот број на разрешени судии е доказ дека работите ги придвижуваме кон она што целиме: правна држава во која владее правото.
– Ваквите процеси на прочистување на правосудниот систем не се воопшто едноставни и лесни, но јасно е дека промени се случуваат. Промените се резултат на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено донесувањето на Законот за јавното обвинителство и измените на Законот за Советот на јавни обвинители и ред други закони. Реформите тука не застануваат, тука започнуваат – преку нивна имплементација на дело. Граѓаните мораат да почувствуваат дека промени има и дека корупцијата реално се намалува, потенцираше Маричиќ.
– Ваквите средби се показател дека чекориме во вистинската насока и оти ја враќаме довербата на граѓаните. Јас и мојот кабинет остануваме достапни за граѓаните и нивните претставки ќе продолжиме да ги насочуваме кон вистинските органи. Самиот факт што во последниот период има најмногу разрешени судии, укажува на тоа дека се врши ефикасно прочистување на судството по поднесените претставки. Законот за потекло на имот ќе користи како мерка не само судиите да бидат разрешени туку и понатамошни испитувања на нивната имотна состојба. Ги охрабрувам граѓаните да не се плашат, бидејќи нема од што да се плашат и да ја пријавуваат корупцијата секаде каде што ќе ја посведочат, истакна Николовски.