Првиот вицепремиер Артан Груби и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски со заедничко соопштение се огласија по повод преписките помеѓу премиерот Зоран Заев и Директорот на државен пазарен инспекторат Стојко Пауновски. Пауновски како што е познато одби да распредели 35 административци вработени по рамковен, поради како што вели нивната нестручност.
-Пауновски знае дека инспекторатите добиваат 104 вработувања од кои 15 се за Државниот пзарен инспекторат и се надвор од оние според правична застапеност, неприфатливо е да не се почитуваат одлуките на Владата, се наведува во заедничко соопштение на вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби, и на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Во него се наведува дека административците се распоредуваат во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува.
„Овие лица се веќе вработени, за нив не се потребни дополнителни финансии, и согласно Планот, по распределбата во конкретните институции, нивната работа ќе биде оценувана според критериумите на мерит системот. Административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример, побарувањата што ги имаат инспекторатите. Побарувањата за нови вработувања одат низ засебна, целосно одвоена процедура врз која никако не влијаат овие распоредувања“, се наведува во соопштението.
Согласно тоа, се додава во него, Владата на 43-тата седница има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите, при што ги има задолжено Министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за политички систем да ги одобрат годишните планови за вработување на инспекциските служби, а особено за Државниот пазарен инспекторат. Груби и Николовски велат дека станува збор за нови вработувања кои никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност.
„Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок. Затоа, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри“, се наведува во соопштението.
Груби и Николовски во заедничкото соопштение наведуваа дека за секое несогласување околу владини одлуки постоеле и постојат јасни механизми истото да се оствари низ институциите преку соодветната организациска поставеност, преку службени белешки, преку работни состаноци, на кои се аргументираат спроведувањето на политиките и одлуките во реализацијата на програмите на Владата.
Тие, исто така, ја известуваат јавноста дека премиерот Зоран Заев вчера имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.
„Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“, се наведува во соопштението.
Претходно, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, објасни дека одбил вработување на рамковните административци бидејќи според систематизацијата на Државниот пазарен инспекторат, тие не ги исполнувале критериумите. Тој побара „рамковните“ кои и се доделени на институцијата со која раководи, да ги земе друга, каде ќе можат да работат според образованието.
По ова, премиерот Зоран Заев изјави дека очекува Пауновски да биде разрешен.