Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и главниот државен ревизор Максим Ацевски на денешниот состанок ја потенцираа важноста за соработка со Државниот завод за ревизија во борбата против корупцијата и криминалот.
-Соработката со Државниот завод за ревизија е од исклучително значење во целокупната борба против корупцијата и криминалот и тоа не значи намалување на независноста на ДЗР туку употребување на професионализмот и информациите за навремено постапување по ревизорските наоди од страна на надлежните институции. Професионалниот капацитет на оваа институција е важен за рационално користење на буџетските средства и спречување на злоупотреба и овој пристап е вграден во последните владини одлуки за ограничување на службените трошоци за угостителски услуги и за користење на службени возила, рече вицепремиерот Николовски.
Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, разговараа и за реализацијата на мерките од Планот за борба против корупцијата, како и за потребата од активирање на Ревизорскиот комитет во склоп на Владата.
-Не секогаш треба да се ревидираат само расходите направени од буџетот на државата. Приходите се подеднакви важни. Со ваквиот пристап, Државниот завод за ревизија со својата работа придонесе за влевање во буџетот на државата на 10 милиони евра во минатата година. На тој начин, нашата работа има додадена вредност и за буџетот на државата и за граѓаните, истакна главниот ревизор Ацевски.
Вицепремиерот Николовски посочи дека наодите од ревизорските извештаи во кои се нотираат незаконско работење на институции се добар патоказ за надлежните институции за понатамошно постапување и дека секој ревизорски извештај детално се разгледува и на владините седници.