Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конкретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција, вели вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски во интервју за МИА.
Тој додава дека граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството.
-Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро, вели Љупчо Николовски.
Тој, во интервјуто за МИА, зборуваше за активностите кои ги преземаат во борбата со корупцијата, изготвениот План, чекорите кои ги предвидува, како и за неговото тековно спроведување.
Во однос на соработката со другите политички партии, Николовски нагласи дека има постојана координација со владината коалиција, но за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ рече дека оттаму на секој чекор доаѓаат опструкции, попречувања или саботирања во испораката на правдата во разни случаи.
За извештајот на Стејт департментот во кој се наведува дека корупцијата во земјава е на високо ниво, вицепремиерот истакна дека не се рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството, но, како што рече, тоа не само што не не’ демотивира, туку не прави поодлучни во битката.
За случајот со починатиот овчар Златко Божиновски, Николовски потенцираше дека по завршувањето на целата постапка, секаде каде што ќе биде утврдено, одговорност ќе има. Тој додаде дека Комисијата формирана од ЦУК работи и на ревидирање на стандардните протоколи кои довеле до затајување на алките во системот.
Во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци на Драги Рашковски и сомнежите што ги покрена, вицепремиерот посочи дека законите мора да се почитуваат, сите сме еднакви пред нив, а надлежните институции во моментов постапуваат.