Законот ќе важи за сите, борбата против корупцијата и криминалот, но и одговорноста за сите постапки ќе продолжи уште посилно и уште понеселективно, порача денеска вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Прашан за коментар за одморот во Дубаи, тој посочи дека станува збор за одмор од три дена кој му следува законски, и бил договорен многу порано.
– Три дена одмор на 16 часа работа за граѓаните и за државата, чесно, искрено имам право да ги посветам на сопругата, можеби контекстот и од оваа временска дистанца е направена грешка од наша страна што е избран Дубаи три дена и не како одмор туку и работни состаноци на сопругата која работи за странска компанија, не за домашна. А за платата што ја добивам имам право на 16 часа работа, три дена во годината да искористам за одмор, посочи Николовски.
Тој додаде дека можеби се праќа лоша порака и се извинува во тој дел, но, како што рече, борбата против корупцијата и криминалот и одговорноста за сите постапки ќе продолжи уште посилно и уште понеселективно.
– А точно Љупчо Николовски како кој било друг граѓанин има право на одмор законски, како што му следува, и тоа што законски ми следува нема да дозволам никој да ми го попречи, рече вицепремиерот.
Исто така, вицепремиерот напомена дека ниту се вакцинирал ниту правел бизниси, ниту ќе прави туку, како што потенцира, ќе се бори против корупција и криминалот и против сите криминалци во државата кои ќе треба да одговараат.
– Ниту сум се вакцинирал, ниту сум бил со службен телефон, ниту сум бил со службен или дипломатски пасош, ниту сум користел службено возило, ниту еден денар од државата Љупчо Николовски нема искористено во време кога е на позиција, потенцира Николовски.