Според пратеничката на СДСМ, Фаница Николовска реформата на јавната администрација мора да почне од законите. Таа во гостувањето во емисијата „Детектор“ додаде дека Стратегијата за реформата на јавната администрација е исполнета околу 60%.

-Во овој кризен период, предизвикан од пандемијата и економската криза, бројките покажуваат дека реформите не се застанати, забавени се, но се спроведуваат, рече Николовска.

Пратеничката потсети дека во Извештајот на Европската комисија значаен акцент е ставен на реформата во јавната администрација и во него се наведени законските решенија кои треба да се усвојат.

-Треба да го спроведеме она што ни е поставено како таргет во Извештајот, заради граѓаните и стопанството тоа треба да го спроведеме, администрацијата да биде професионална, кажа Николовска.

Таа додаде дека еден од таквите закони е оној за административните службеници, кој содржи мерки за задржување дефицитарен кадар во администрацијата и привлекување стручен кадар.