Капиталните инфраструктурни проекти што се реализираат во државава, а кои се од клучно значење за поврзување со земјите од Западен Балкан ги истакнал вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на министерскиот состанок на министрите за транспорт на Европската Унија. Состанокот на министри во Будимпешта е организиран од Унгарија во рамки на нејзиното претседателство со Европската Унија.

Како што информира Министерството за транспорт, Николски изразил задоволство што два дена заедно со министрите за транспорт од ЕУ разговараале на многу важни теми од оваа област.

– Презентирав што прави македонската Влада во овие два и половина месеци. Прво, во однос на авиолиниите дека имаме нова политика на субвенционирање што очекувам следната година да донесе нови дестинации кон Скопскиот и Охридскиот аеродром, но исто така и над 20 отсто повеќе патници, повеќе туристи во Македонија, а за македонските граѓани повеќе можности да патуваат надвор од државата, истакнал Николоски.

Во однос на железницата, како што се наведува во соопштението, приоритет број еден за државата е изградбата на брзата пруга Скопје-Солун со 200 километри на час, која целосно треба да ја промени економијата и да ја поврзе државата со главните пристаништа, а на север со Централна Европа.

– Интензивно работиме и на изградба на железничкиот Коридор 8, каде првата секција од пругата кон Бугарија е скоро готова, втората секција се работи во моментов, а на третата секција имаме технички предизвици, кои се надевам дека ќе ги решиме во следниот период, како и предизвици во однос на проектирањето, а и секако сите други пречки кои што ги спомнав во периодот што беше пред нас.  Но, се надевам дека ќе најдеме и заеднички јазик со цел да немаме пруга која што завршува во тунел кој не води никаде, потенцирал Николоски.

Во однос на изградбата на автопатиштата, Николоски посочил дека до крајот на годината ќе биде завршен експресниот пат Куманово – Крива Паланка, како и експресниот пат Прилеп – Градско.

– Интензивно работиме на Охрид – Кичево и во наредниот период многу ќе се работи на Кичево – Букојчани, на Букојчани – Гостивар, на Гостивар – Тетово, како и на Прилеп – Битола. Ова е една одлична можност да се разменат мислења, но исто така да се поканат потенцијални донори и инвеститори да дојдат во Македонија, да донираат и да инвестираат со цел побрзо да ги изградиме проектите што се пред нас, порачал Николоски во Будимпешта.