Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во емисијата „Дебати“ на ТВ Шења ја разјасни пред гледачите првата „бомба“ што денеска неговата партија ја објави а е поврзана со раководењето на општина Бутел од страна на поранешниот градоначалник и неговата администрација. Во обелоденетиот случај се работи за манипулација на тендер за улично осветлување.
„Компанијата победила со најниска цена, на начин што магично компанијата знаела пред тендерот, по кои од ставките што ги понудила општината ќе ги зема по завршувањето на тендерот. Ако тендерот има 100-тина ставки, тие точно знаеле на кои 30 ставки да стават екстремно високи цени, а на останатите 70 да стават буквално по еден денар, со цел кога ќе се собере вкупната сума да бидат најевтини, но кога ќе се види реалноста да бидат најскапи, затоа што се купувани кабли и сијалици по пет до седум пати повисока цена од пазарната “, вели Николовски.
Тој истакна дека проневерената сума изнесува околу 12 милиони денари или 200 илјади евра.
„Сметаме дека 200 илјади евра или 12 милиони денари завршиле во нечиј џеб, или во џебот на компанијата или на некој друг“, вели Николоски.