Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски кој денеска се појави во суд поради тужба за клевета од страна на премиерот Зоран Заев, вели дека сите докази кои ги проложил, покажуваат дека рекетирани се голем број на бизнисмени и дека парите завршиле кај семејството Заеви.
Станува збор за случајот „Рекет“ за кој се осудени Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, а за кој Николоски во 2019-та тврдеше дека дел од овој рекет се и врвот на СДСМ, а парите завршувале кај Заев. Тој и по денешното рочиште го повтори истото и дека стои на тој став бидејќи имал докази.
-Во однос на она што го видовте денес можам да повторам е дека од сите докази кои што ги имам доставено, како и врз основа на сето она што постоеше во јавноста во летото 2019-та година, сум дошол до сознание дека аферата „Рекет“ во тој момент не е правилно презентирана во јавност односно не се работи за минорен случај во кој што случајно еден е рекетиран бизнисмен, туку дека се рекетирани многу бизнисмени. Дека се работи за огромна сума на пари, дека таа сума на пари во тој момент сознанијата биле дека надминува над 20 милиони евра. Дека не е рекетиран еден, туку се рекетирани повеќе бизнисмени и дека во таа шема не се вклучени Бојан Јовановски и Катица Јанева, туку е вклучена цела една пирамида во СДСМ која што секако завршува со претседателот на СДСМ и премиер тогашен и сега, Зоран Заев, изјави Николоски.