Вицепремиерот и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски му врати на поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов кој побара или оставка од Николоски или прекин на преговорите со Северна Македонија, пренесува РСЕ.
Смета дека се создава хистерија која што ја креираат дел од како што рече неуспешните бугарски политичари. Тој тврди дека кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија рече Николоски.
„Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза. И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател, вели Николоски во реакцијата.
„Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов претходно денеска ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кој во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска -Давкова и Румен Радев, рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации и помизерни од нив се само нашите домашни слуги“.
Реакции имаше и од други бугарските политичари. Станислав Балабанов од „Има таков народ“, коментирајќи го телевизиското интервју на Николовски во Народното собрание рече дека политичарите во Северна Македонија нема да ја видат Европската Унија со вакво однесување, нагласувајќи дека не разбира зошто бугарските политичари се револтирани, кога истите тие пред неколку години го укинале ветото за земјава.
Во врска со изјавата денеска реагираа од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, од каде што велат дека „манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали“.
За Николоски пак ова е доказ дека нивното занимавање со Северна Македонија покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат да стане член на Европската Унија, а уште помалку да напредува кон ЕУ.
„Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема. Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам кој било да бара изговори во мои изјави или што било друго што се случува во Македонија. Всушност, самото тоа што се вадат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик, вели Николоски.
Претседателката Сиљановска-Давкова во неодамнешен телевизиски настап рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.