Пандемијата направи тектонско поместување на пазарот на трудот. Освен со заживувањето со кое треба да се вратат загубените работни места, пандемијата отвори можност за поинакви работни односи и за вештини кои претходно ги занемарувавме, вели професорот Димитар Николоски од Економскиот факултет во Прилеп, експерт за пазарот на трудот.
Според Николоски, се отвори можност за таканаречената ГИК-економија, што повлекува и нови мерки, а она што е најважно и што треба да го користиме како искуство од оваа криза е тектонското поместување во самиот пазар на трудот. Вели дека пандемијата, во суштина, нѐ научи оти многу од оние вештини што претходно не беа толку ценети, како ИТ-вештините, дигиталната присутност, работењето на далечина…сега веќе многу добија на тежина.
-Тоа се, фактички, основата на таканаречената ГИК-економија. Значи, напуштање на традиционалниот облик на работни односи и една нова парадигма во однос на работењето каде ваквиот начин на работење – фриленс, онлајн, работење на далечина, сѐ повеќе добива на значење. Токму поради тоа, мерките кои во иднина треба да се насочат е да се направи целосна реформа во високото и во средното стручно образование, што ќе значи вклучување, пред сѐ, на овие вештини кај младите луѓе кои ќе ги обучат и ќе ги подготват за идните предизвици за пазарот на трудот, вели Николоски.
На пазарот на трудот и во економијата е приоритетно враќањето на довербата на потрошувачите и во бизнисите. Треба да се внимава на растот на цените што бара микс од фискални и монетарни мерки.
-Она што може да го очекуваме во постковидкризата, иако целосно не е завршена, е потребата за враќање на довербата како кај потрошувачите, така и кај бизнисите. Сведоци сме на забрзано темпо на имунизација на населението, што секако оди во прилог на враќање на таа доверба и сето тоа во функција на почнување нов инвестициски циклус кој ќе значи заживување на македонската економија, додава Николоски.
Посочи дека во 2020 година претпревме пад на БДП од околу 4,5 проценти, а од почетокот на оваа година БДП се враќа на своите растечки стапки. Имајќи го предвид враќањето на довербата, рече Николоски, се надеваме дека оваа ќе биде година на заживувањето на економијата.
-Сето тоа треба да биде придружено со соодветни владини мерки што ќе значат поекспанзивна фискална, како и монетарна политика. Особено внимание треба да се посвети на внимателноста на централната, на народната банка, во поглед на мерките на монетарната политика, бидејќи сме сведоци на галопирачки тренд на раст на цените, што може да доведе до ценовен шок и растечка инфлација. Точно тој микс на фискалните и на монетарните политики би требало да биде во правец на враќање на економскиот пораст, но со одредена внимателност на одржувањето на стабилното ниво на цените, или стабилно ниво на инфлација, објаснува професор Николоски.
Пакетите мерки имаа цел да ги ублажат последиците од Ковид-19. Пред сѐ, се однесуваа на поттикнување на потрошувачката на домаќинствата преку сите ваучери за одредени категории население; ваучерите за туризам, за студенти, за млади, за социјално ранливи, потоа мерките фокусирани на бизнисите, со цел задржување на што е можно повеќе работни места.
-Заживувањето на економијата ќе придонесе дел од загубените работни места да се вратат (во пандемијата се загубени 40-ина илјади работни места), но самата парадигма на креативна деструкција значи дека треба да ги антиципираме ваквите промени кои настануваат на пазарот на трудот и да бидеме подготвени за едни нови времиња каде дигиталните вештини, ИТ- знаењата треба да добиваат на значење, вели Димитар Николоски од прилепскиот Економски факултет, експерт за пазарот на трудот.