Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека наводната владина одлука за именување на Бесмира Ејупи за генерален конзул не е во согласност со Законот за надворешни работи, каде што е предвидено на ваква позиција да се именуваат дипломати од висок ранг или меѓународно афирмирани личности.
Аматеризмот оди дотаму што не ни знаат каде ја праќаат. Велат дека ја праќаат во генералниот конзулат на Македонија во Њујорк, а од 2016 година конзулатот на Македонија е преместен и не е веќе во градот Њујорк туку е во Њу Џерси, вели потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за наводната владина одлука за испраќање 28-годишна ТВ-презентерка за генерален конзул во Њујорк.
-Има индиции на кршење на Законот за надворешни работи, затоа што членот 49, кој се однесува на упатување на конзули, вели дека за конзул може да биде испратено лице кое е висок дипломат во рамките на МНР. Или доколку не е така, по исклучок, може да биде испратено лице кое е високо афирмирано во јавноста и во меѓународните односи, така што јавноста ќе се согласи секако дека не е ова лице кое е предложено, рече Николоски.