Откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски вчера објави дека од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 проценти ќе бидат работници од странство и дека ќе се обезбедува работа на странци без работни дозволи и дозволи за престој, денеска тој на Фејсбук излезе со, како што тврди нови докази, кои се однесуваат на бројот на работници и планот за работа. Во планот, вели Николовски, дефинирано е колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни.

„Два дена Владата молчи на новите сознанија поврзани со спорниот договор за автопатите кои ги изнесов во јавност. Затоа денес објавувам два документи кои според свиркачите кои ни ги доставија се дел од спорниот договор за изградба на автопатите. Се работи за план 11 од договорот што се однесува на бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни“, напиша Николовски на Фејсбук.

Според него, огромни пари ќе се одлеат надвор во услови на немаштија, односно, од вкупниот број работници, само 30 отсто ќе бидат домашни, а дури 70 отсто странци.