Македонија ги исполнува реформските процеси и дава сериозен придонес кон регионалниот развој, потенцираше вицепремиерот Александар Николоски на средбата со Медлин Нокс, директор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Политичките и економските односи меѓу зeмјите од Западен Балкан се во постојан напредок, а Македонија има значајна улога за развојот на таквите односи, истакна Николоски. Мерките и политиките што ги реализира Владата се во насока на намалување на трговските бариери, зголемување на трговијата и конкурентноста на економиите во земјите од Западен Балкан, додаде тој.
Вицепремиерот Николоски уште еднаш го потенцира стратешкото пријателство меѓу Македонија и Обединетото Кралство и подршката што и се овозможува на земјата кон нејзиниот развој.
На средбата се разговараше и за зацврстување на економската соработка, можноста за нови инвестиции и соработка на двете земји во сектори од заеднички интерес.
Македонија и Обединетото Кралство негуваат добри пријателски односи, се согласија и двете страни, со заложба таквото партнерство да се зацврстува преку конкретни процеси и проекти.