Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски порачува дека нема да има амнестија, коментирајќи ги измените на Кривичниот законик. Како што вели тој, наместо амнестија, ќе има одговорност. Еве што вели друго Николоски.

Минатата недела се случи еден од најголемите срамови коишто правото и правосудството ги видело во Македонија. На шверцерски начин протнувајќи го Кривичниот законик со европско знаменце, со цел ВМРО ДПМНЕ да не може да поднесе илјадници амандмани и на тој начин да го блокира носењето се вршат измени во два клучни члена, едниот е членот 353 којшто се однесува на злоупотреба на  службена положба и овластување и вториот е членот 394 којшто се однесува на злосторничко здружување. Тоа се двата члена по којшто се гонат сите којшто вршат злоупотреба на службена положба и овластување, односно да бидам подиректен сите оние коишто своите извршни функции ги користат за криминал. Тоа се двата клучни члена за да се гони било кој функционер. Затоа што на пример за злосторничко здружување многу јасно пишува во законот кој помина дека се прави измена со којашто зборовите “до 10 години” се заменува со “до 3 години” што значи дека застареност настапува за 6 години. Да преведам, кривични дела коишто на пример Зоран Заев ги направил во 2017 година како Премиер заедно со двајца министри и тројца директори потенцијално, и така се формира злосторничко здружение веќе во моментов се застарени.

Владата којашто дојде на чело на Македонија со паролата “нема правда нема мир” ја убива правдата во Македонија со застарување на кривични дела. Владини коалициони партнери коишто предлагаа измени на Уставот со цел да немало застарување на кривичните дела за криминал и корупција сега гласаа измени на кривичен законик со којшто ќе се овозможува застарување на кривични дела за криминал и корупција. Надежта на актуелната власт е дека в година ќе се случат избори коишто ќе се случат максимално подоцна колку што можат и на тие избори знаат дека ќе изгубат, надежта им е кривичните дела да застарат затоа што гледаат како да стигнат до застареност од 6 односно 10 години зависи за кое кривично дело се работи, така што калкулираат колку долго биле на власт, кои биле на власт со цел да застарат делата во иднина.

Јасна е целта, знае власта на СДСМ и ДУИ дека ги пакува куферите и се обидуваат да си изгласаат амнестија за себе, но да им кажам правдата ќе ги стигне сите! Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ќе ги гони, ќе се најде правен начин како да се гонат. Нека не се надеваат дека поблагиот закон ќе можат да го користат и дека ќе може да се повикуваат на застареност. Ќе се најдат начини како да се гонат. Не се само два члена во кривичниот законик, не е само злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување си има и други членови по коишто ќе им се најде начин да се гонат. Знам дека ова звучи како закана, но мора на крај и закани да испраќаме затоа што е јасно дека се оди на амнестија. Најдобар доказ дека се работи за закон којшто е безобразен и којшто значи амнестија за криминал е што Министерот за правда не го потпишал, а пратениците на неговата партија не го гласаа. Министерот знаел што има во законот и не сакал да го потпише и не беше присутен во Собранието да го брани истиот овој закон, затоа што ова е закон што не се брани.

Самото тоа што законот се предлага со европско знаменце и се закажува комисија во 18 часот попладне во денови кога број 1 скандал и случај во Македонија е случајот со Онкологија со цел да не се пренесе ова во јавност покажува дека намерите овдека не се чесни односно дека намерите се амнестија за криминал . Но тоа следната Влада на ВМРО ДПМНЕ нема да го дозволи. Одворност ќе има, казни и правда ќе има!