Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска од Охрид истакна дека партијата информациите за случајот со криминалот во РЕК Битола ги добила од високопозициониран член на владејачкиот СДСМ.
-Информациите до ВМРО-ДПМНЕ стигнаа од високопозициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој заради Законот за заштита на свиркачи не можам да го споменам по име и презиме. Во моментов ВМРО поседува бројна документација за скандали и други афери од коруптивен карактер што ќе ги изнесеме пред јавноста наредниот период, а исто така се добиени од високопозицонирани лица во самиот врв на СДСМ, рече тој.
Истовремено Николоски истакна дека веќе три дена наместо да се истражува Вице и раководството на РЕК Битола, кое се обидело да направи рекет од 253 илјади евра, се гонат оние кои, условно кажано, го информирале ВМРО-ДПМНЕ за криминалот.
– Видовме како маскирани полициски службеници и специјалци влегуваат во домовите на инспектори што се занимаваат го гонење на криминал, во присуство на нивните деца и сопруги што е недозволиво и што потсетува на едни други тоталитарни времиња. Да им помогнам на СДСМ, да престанат со таков начин на дејствување и наместо да ги гонат оние што наводно ја дале информацијата, треба да ги гонат оние што довеле до тоа да има рекет од 253 илјади евра, рече тој.