Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ денеска се сретна со заменикот командант на американските сили во Европа, генерал мајор Џозеф Џерард.
На средбата, соопштија од МО, Николиќ истакнал дека Северна Македонија останува кредибилен сојузник во НАТО-Алијансата. Државниот секретар порачал дека приоритет за Министерството за одбрана остануваат опремувањето и модернизацијата на Армијата и потенцирал дека воената интеграција во НАТО тече според плановите.
Генерал мајор Џерард, стои во соопштението, упатил благодарност во име на Соединетите Американски Држави за дваесетгодишното учество на припадниците на Армијата во мисијата во Авганистан, нагласувајќи дека истата кулминираше со привремениот прифат на бегалците што се смета за највисок чин на партнерството и сојузништвото со САД.
– На средбата беше потврдена исклучително развиената билатерална соработка со Соединетите Американски Држави, акцентирајќи ги придобивките од военото образование, размената на искуства преку воените вежби и обуки, поддршката во прераснувањето на армискиот полигон „Криволак“ во регионален тренинг центар и зајакнувањето на капацитетите во сајбер одбраната, се наведува во соопштението од МО.
Генерал мајор Џерард денеска остварил средба и со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, по што ги посетил и заедничките вежбовни активности во касарната во Штип.