„Невнесувањето на Бугарите во уставот, како услов од преговарачката рамка усвоена пред три години, може да ѝ пресуди на Северна Македонија, на нејзината функционалност и одржливост како демократска држава базирана на владеење на правото, на нејзината реална и цивилизациска перспектива“, вели политичката аналитичарка Никица Корубин во изјава за Локално.
Според неа, уставните измени не се прашање на политички калкулации, туку тест за зрелоста на државата.
„ВМРО-ДПМНЕ или било која друга политичка партија се небитни, доколку е пореметена функционалноста и европската сегашност и иднина на државата“, предупредува таа, посочувајќи дека клучниот проблем е во отсуството на јасна и стабилна проевропска опозиција кај македонските партии.
„‘Одземањето на гласовите’ на ВМРО-ДПМНЕ не зависи од стабилноста на владата и власта, туку од стабилноста на опозицијата кај македонските партии, која е речиси непостоечка, кога станува збор за јасно и чисто декларирана про-европска опција.“
Корубин е особено критична кон однесувањето на коалицијата ВЛЕН, за која вели дека направила пресврт во дотогашната конзистентна поддршка на албанските партии за евроинтеграциите.
„Ако нешто беше конзистентно, принципиелно и непроменливо до сега и оваа власт, тоа беше односот на сите албански политички партии, сите години на независноста, во однос на европските и евро-атлантските интеграции. За жал, тоа се промени со калкулантското однесување на ВЛЕН во однос на процеси кои веќе беа завршени и требаа да резултираат со легално и легитимно превземени обврски.“
Таа смета дека одбивањето да се спроведат уставните измени е сериозно кршење на институционалната и правната рамка на државата:
„Одбивањето тоа да се направи е удар врз нашиот правен поредок, врз одлуките на нашите институции – Собрание и Влада – и врз нашиот кредибилитет како држава и партнер во НАТО и ЕУ.“
Во изјавата, Корубин исто така го посочува и парадоксот на т.н. „загрозен идентитет“, кој, според неа, е само дел од пропаганден инженеринг.
„Преку пропаганден инжињеринг, за наводна ‘загрозеност на идентитетот’, со истовремено брутално и флагрантно уништување на реалниот идентитет – односно негрижата за културното наследство.“
Како завршна оценка, таа ја посочува пасивноста на албанските партии како фактор кој ја одржува стагнацијата:
„Во такви околности, со откажување од реалната и уставна моќ која ја имаат, вината на албанските партии е во нивната ‘послушност’ наместо ‘лидерство’. Лидерство кое сите – не само Албанците – ќе не однесе во ЕУ.“