Во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостинка е Никица Корубин, аналитичарка, публицистка и поранешна пратеничка во Собранието на Северна Македонија.
Корубин има резолутен став дека уставните измени се преземена обврска која мора што побрзо да се заврши, за да може земјата да ги почне преговорите по поглавја со ЕУ. „Уставните измени требаше да бидат изгласани вчера, метафорички кажано, не денес и веднаш! Од 2022 Северна Македонија има јасна обврска, а тоа е преговарачката рамка донесена од Советот на ЕУ, Одлуката од Советот во 2023 и повторена во 2024, со тоа што имаме нагласена позиција за почитување на договорот со Бугарија и Преспанскиот договор. Северна Македонија преговорите по поглавјата ги почнува веднаш, без дополнителна политичка одлука, штом си ја заврши единствената обврска, а тоа се уставните промени, односно внес на Бугарите во Преамбулата на Уставот и во останатите членови на Уставот“, децидна е таа.
Корубин не се согласува со ставот на Владата дека овој чекор ги засега идентитетските прашања на Македонците и смета дека тоа е само изговор да не се отпочнат преговорите. Таа е на мислење дека тешките политички прашања, како владеењето на правото, усогласувањето на законската рамка и други општествени проблеми допрва ќе треба да се отвораат во претпристапниот процес и дека и тоа може да доведе до нови условувања.
Таа се осврна и на сегашната ситуација со меѓуетничките односи, посочувајќи ја власта како генератор на тензиите. „Генератори на меѓуетничките тензии во моментот се исклучиво владејачките партии. Нема друг генератор со преиспитувањето и со укинувањето на одредбите од Охридскиот договор, но и на политичко ниво, ширењето на таков антагонизам и кон Бугарите и кон бугарската етничка заедница, па ако сакате и кон Грција, со одбивањето да се прифати уставното име. Потоа, со практикувањето и охрабрувањето на луѓето да не си го почитуваат сопствениот устав, зашто Северна Македонија е нашиот устав пред се, а се е во функција на нарушување на тој етнички баланс“, смета Корубин.
Зборувајќи за зголемената нетолеранција кон правата на ранливите категории граѓани, особено порастот на антиродовите движења и насилството врз ЛГБТ популацијата, Корубин ја наоѓа вината во неприфаќањето на нашите општествени чинители дека “тоа се основни граѓански права, а не ексклузивни и елитистички“.
Таа го коментираше и доаѓањето на администрацијата на Доналд Трамп во САД, што, според неа, нема да ги промени позициите на меѓународната заедница во однос на преземените обврски на земјата. Корубин потсетува дека Преспанскиот договор е потпишан во првиот мандат на Доналд Трамп и дека стратешките интереси на САД не зависат од изборот на претседателот и промените во администрацијата.
Во шорткастот „Интеркултура”, Никица Корубин зборува и за односите со Унгарија и Србија, се залага за решавање на сите отворени прашања со соседите како начин на заокружување на независноста и сувереноста, ја коментира изградбата на стратешките коридори, а се осврнува и на состојбите во македонската научна и академска фела.