Семејствата на починатите и на повредените во пожарот во кочанската дискотека попладнево го организираа осмиот „Марш за ангелите“. Со пораката „Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“ тргнаа од Паркот на Револуцијата, поминаа низ Трговскиот центар, кратко запреа пред зградата на Општина Кочани каде се сместени и инспекциите, а оттаму се упатија пред Одделението за внатрешни работи нагласувајќи дека нема да се откажат од барањето правда за своите најмили.
Родителите тврдат дека повеќето од оние кои треба да одговараат не се повикани на распит, ниту пак се осомничени. Велат дека во периодот на болка и тага биле принудени да ги проучуваат законите за да не бидат изманипулирани, а сите сознанија до кои дошле ќе ги објават на заеднички профил на социјалните мрежи.
„Документирано и потврдено е дека дискотеката „Пулс“ работела нелегално, но вие не можете да ги видите пропустите на институциите што се јавно достапни и очигледни. Дали при контрола на УЈП е констатиран прекршок, бидејќи нема договор за закуп и наплата на наемнина преку фолио издадено преку електронскиот систем. Министерството за економија и труд во електронскиот систем го имало податокот дека лиценцата на „Пулс“ не е обновена. Во регистерот на издадени лиценци за вршители на угостителска дејност, објавен во август 2024 година, ДПТУ „ММММ Кафе – клуб Пулс“ – Кочани е во одобрени лиценци за една година, а ја добило на 15 феврауари 2023 година. Зошто Државниот пазарен инспекторат не направил контрола за лиценцата која е неважечка. Министрите, инспекторите и вработените во инспекторатот не се меѓу осомничените за незаконско работење, а иако беше најавен, сѐ уште нема одговор зошто не е направена ревизија на лиценците“ кажаа родителите.
Тие велат дека кобната вечер повеќе законски членови се прекршени, а не е одговорено дали пиротехничките средства се набавени од правно или физичко лице, дали тоа имало одобрение и дали е запишано во судскиот регистар. Во дискотеката, како што кажаа родителите, биле присутни полициски лица кои биле во службена акција, но не знаат дали се повикани на распит.
Родителите порачаа дека остануваат на барањето за неселективност во постапката, а ако не ја добијат правдата пред домашните правосудни органи, вистината ќе ја обелоденат во меѓународни рамки.