Владимир Перев
“Види Владе, синко мој, ние бугарите сме азијатско племе, дојдени сме од далечните степи, па затоа и сме такви, насилни кон сите, а најнасилни кон нас самите. И вие таму во Македонија не сте подобри од нас овде, вие и ние сме едно, едни исти азијати, еден народ. Сепак, окупацијата на југословенството од 1918 година наваму, ве доведе во контакт со други народи, хрвати и словенци, католички ориентирани па така вие добивте еден друг, латински и поинаков поглед кон светот, малку се цивилизиравте. Латинската култура во Југославија тоа не успеа да го направи со србите, па и тие се исти како нас, а и вие сте како нив, но само делимично…насилници“.
Ова е монологот на бугарскиот националист, писател, фолклорист и што ли уште не, Коста Црнушанов, воден во неговиот апартман во Софија, некаде на почетокот на осумдесетите години од минатиот век. Роден во Прилеп, пријател на татко ми и на многу други прилепчани, тој беше последниот кој имаше живи спомени од средбите со татко ми. Беше и последниот жив михајловист кого сум го познавал. Неговата тирада беше одговор на моите поплаки на однесувањето на бугарската царина и полиција на преминот Деве Баир, заборавајќи притоа да ги споменам и нашите, македонските/југословенските “културни“ работници на истиот премин. Тоа беше одговор, наменет на разбивањето на моето самочувствие како некаков покултурен и поевропски и светски граѓанин во однос на бугарите како целина. Признавам, беше успешно!
Често размислував за нашата азијатска насилност, но настаните во Југославија по 1990 година, мене, како и сите други, не направија свидетели на невидена суровост и насилие кон сопствениот народ…мрачното искажување на Црнушанов се надви над нас како реалност, прокоба од која не може да се побегне. Конечно, дојде Дејтон и бомбардирањето на Белград и Србија, потоа мирот/капитулацијата во Куманово и ѕверствата престанаа, но сеуште го чувствуваме притаениот здив на насилието меѓу нас, сега навистина контролирано, но азијатски прикриено и непредвидливо.
Сега дојдоа настаните во Украина. Ние овде, во Македонија, не сме изненадени од оваа, за некого нова ситуација. Прикриеното зло, нашата, овој пат руската азијатска суровост, одново го покажа своето грдо лице. За некои може би е изненадување, како може толку фалената “руска душа“ да го прави она што го гледаме цел месец по порталите и телевизиите. Но, во принцип, нема никакви изненадувања. “Руската душа“ е само термин за успокојување на поробените. Таа никогаш не постоела како реалност, туку само како инструментализација за духовно ропство на веќе војнички покорените народи, или најчесто, на народите кои допрва ќе треба да се покорат. Таа се оние шарени перли и огледалца кои белите луѓе им ги давала на индијанците во Америка или на афричките племиња како подарок, за потоа да бидат размена за пушки и конечно за откуп на нивните животи и души. Сите народи имаат своја “душа“, која во суштина е монета со два лика, едниот пријатен и симпатичен, а другиот насилен и граблив. Веќе стотина и повеќе години, “руската душа“ према нашите народи го покажува само својот лажлив лик, а нејзините дејствија се насилни, лажливи и експанзионистички. Бугарите тоа го платија со губењето на својата сопствена душевност, а ние и србите допрва ќе ги видиме “руските сметки“…
Украина крвави, народот се бори за своето физичко и духовно опстојување, ние молчиме, а некои меѓу нас се и против давање на воена помош на украинскиот народ. Нашите души станаа бесчуствителни, како и “руските души“ на освојувачите и насилниците врз Европа, затоа што Украина е дел од нас, од европската цивилизација. Диктаторот и терорист Путин говори за некаков украински “нацизам“, воспевајќи го насилието врз украинскиот народ, подгревајќи ги истовремено ниските страсти на полумртвата “руска душа“.
Да, навистина, имало некогаш нацизам во Европа. Тоа бил германскиот нацизам, кој меѓу другите зла, го донесе и злото на холокаустот како чин од кој се згрози и го осуди целиот цивилизиран свет. Но притаените стравови во Европа и меѓу нас, од азијатскиот експанзионизам на Русија, носат и некои други видувања.
Се сеќаваме ли на шведската писателка Астрид Линдгрен? Таа е позната кај нас и во целиот свет како авторка на романот “Пипи долгиот чорап“, прекрасното четиво за млади, како и истоимениот филмски серијал. Астрид Линдгрен е нешто повеќе. Таа е храбра жена, самохрана мајка на две деца, но и агент на шведските тајни служби…таа работи во цензурата на писмата кои ги прима шведската тајна служба. Тоа го работи за цело време на Втората светска војна, но истовремено води и свој дневник. Згрозена е од информациите со кои располага шведската тајна служба за злосторствата на руските војски во териториите во кои Русија навлегува за време на војната (се мисли на Финска), за групните ликвидации врз финците кои ги врши руската војска, за силувањата на финските жени и нивните понижувања, па во еден момент, некаде на 18 јуни 1940 година ќе напише: “За нас шведите, една ослабена Германија може да означува само едно-дека русите ќе не стиснат за гушите. Повеќе би сакала до крајот на животот да викам “Хајл Хитлер“, отколку руснаците да дојдат кај нас. Не можам да си претставам ништо по-одвратно од тоа“.
Палавото девојче “Пипи долгиот чорап“ и зрелата жена Астрид Линдгрен имаат своја позиција по однос на демократијата. Путин сигурно знае за Линдгрен, се наобразувал во Германија, а апелите на Зеленски за помош, тој, претставникот на “руската душа“ ги толкува како нацизам.
Духот на “насилното азијатско племе“, толку често споменуван од Црнушанов, вилнее и ја тероризира Европа. Остварени се и стравовите на Астрид Линдгрен за “слабата Германија“, денес навистина слабата и неединствена Европа. Бесцелно е да се прашуваме за вистинитоста на новните опсервации и размисли…веројатно и Црнушанов и Линдгрен се во право, секој од своите позиции.
Ние стиснати меѓу руската безчовечност и украинскиот “нацизам“, традиционално врзани со српските/југословенските позиции наследени од титово време, традиционално покорни на Белград, лутаме низ лавиринтите на немоќта за сопствено идентифицирање како народ кој ги прифаќа европските вредности. Затоа и треба да изградиме свој, европски однос кон агресијата на азијатската солдатеска.
Во срцето на таа, нашата Европа крвави еден народ, а јас се срамам и од македонските и од бугарските позиции…оние српските ги презирам.