Пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците, Аднан Незири денеска на прес конференција посочи дека се овде за да ги разоткријат интригите на ДУИ, за кои вели дека „иако во кампањата и сега продолжуваат да трубат дека се против коцкањето, синоќа се обидоа да прошверцуваат решение кое им овозможува да отворат лотарија во партнерите со државната лотарија“.

„До доцните часови пратениците на ДУИ, поддржани од СДСМ, преку законодавна правната комисија се обидуваа да одобрат автентично толкување на членот 7 од Законот за коцкање со кој се отвора пат за отворање на лотарија во партнерство меѓу државната лотарија и приватниот инвеститор. Сета оваа операција се обидоа да ја направат на најгруб начин, заобиколувајќи ја матичната комисија, онаа за финансии и буџет, за денеска да влезе на пленарна седница. Покрај ова синоќа имаше уште еден прекршок, каде убедени дека толкувањето ќе помине, побрзаа и огласот за отворање на лотаријата го објавија во службен весник без одлука на Собранието“, вели Незири.

Тој додава и дека од тоа кој се предлагачите, јасно се гледа кој сака да има профит.

„Барањето за автентично толкување до Собранието го предложи пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, а експресно позитивно мислење во име на Владата даде вице премиерот, Артан Груби. Оние кои веќе две децении се коцкаат со судбината на граѓаните сакаат да ја отворат лотаријата во приватно-јавно партнерство, но ве известуваме дека додека Алијансата за Албанците е во Собрание, ќе ги искористиме сите механизми да го спречиме зајакнувањето на овие девијантни појави, како што ни синоќа не дозволивме одобрување на дневниот ред каде што беше оваа точка“, посочи Незири.