Независниот синдикат на полицијата со најава за полициски протест.

„Како што ветивме после првомајската парада, на 2 Мај го најавуваме полицискиот протест на кој бараме ,,Минималец за полицаецот”, истакнуваат од синдикатот.
Бараме да се почитува Законот за минимална плата и основната плата во полицијата да биде најмалку минималната плата. Бараме воедначување на судската пракса на целата територија на државата и спроведување на судските постапки во законски предвидените рокови. Вработените во полицијата не се службеници од втор ред. Законите не може да важат за полицијата само кога треба да нѐ казнуваат“.

Како што нагласуваат, Независниот синдикат на полицијата, не е синдикат за паради, ниту синдикат за фотељи. НСП, додаваат, е независниот и искрен глас на полицаецот.

„Секој што ја облекол униформата со чест, треба да стои рамо до рамо со своите колеги.
Ова не е само протест – ова е борба за достоинството на полицијата кое поради нашата индиферентност го загубивме“.

Ги повикуваат и сите останати синдикати кои се претставуваат како полициски, да соберат храброст и јавно да ги поддржат.

„Оваа борба не е за функции и не е само наша, ова е борба за достоинство на вработените во МВР, шумската, судската и затворската полиција. Не излегувај за нас, излези за себе и повикај ги колегите. Молчењето не донесе под минималецот“.

Протестот според најавите е на 12.05.2025 со почеток во 12.00 часот пред судовите во Скопје -раскрсница Мавровка.