Независниот синдикат на полицијата (НСП) го осуди нападот врз нивниот колега полицаец што се случи завчеравечер во струмичкото село Баница.
-Колегата Давор беше крвнички нападнат. Како крим-техничар тој бил испратен да изврши увид на пронајдени сандаци со пчели, каде бил пресретнат и нападнат од 14 лица со разни предмети, шипки, стапови, бекатон цигли и камења, при што се здобил со тешки телесни повреди – скршеница на носна коска, четири скршени заби и 40 отсто оштетен слух, наведува синдикатот.
Во реакција до медиумите, НСП бара да запрат нападите врз полициските службеници, со порака „Денес е Давор, утре си ти!“.
-Дали доколку на ваков брутален начин биде нападнат некој судија или обвинител постапката ќе биде иста? Дали Министерството ќе му пружи поддршка и ќе ги покрие трошоците за лекувањето со оглед на тоа дека од август 2022 година не се уплаќа колективното осигурување?, прашува Независниот синдикат на полицијата.
НСП реагира и поради тоа што од слобода биле лишени, како што вели, сите 14 лица кои учествувале во нападот, меѓутоа притвор е одреден само за пет од нив.
-Ги прашуваме сите надлежни институции во државата, уште колку напади врз полициски службеници треба да се случат и дали треба да чекаме некој полициски службеник да загине пред да се преземат мерки против оваа сериозна и зачестена појава, пишува во реакцијата на полицискиот синдикат.
Полицијата од Секторот за внатрешни работи Струмица вчера ги лишила од слобода: С.С. (43), Д.Ј. (33), П.С. (40), И.Г. (26), И.В. (41), Т.С. (37), Р.С. (52), А.С. (43), В.К. (39), Т.В. (21), Ж.М. (33) и уште едно малолетно лице, сите од струмичкото село Баница, и М.Ѓ. (23) од струмичкото село Градско Балдовци, и против нив беше поднесена кривична пријава за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ .
Како што вчера соопшти МВР, тие се сомничат дека завчера, 18 август, во 23 часот во село Баница насилно запреле цивилно полициско возило „шкода“, управувано од полициски сужбеник од СВР Струмица, кој во моментот извршувал службени задачи.
-Најнапред со дрвени, бетонски и метални предмети удирале по возилото, а потоа физички го нападнале полицискиот службеник со повеќе предмети. Полицискиот службеник се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар Струмица. Лицата биле задржани во полициската станица Струмица, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, информираше вчера Министерството за внатрешни работи.