Уставниот суд денеска ја укина Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во село Кондово, Скопје,која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година.
„Судот оцени дека Одлука на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница ИВЗ да биде основач на средно училиште- гимназија“, соопштија од Судот.
Од таму наведуваат дека ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта.
„Исто така содржината на Одлуката не е во согласност со Амандманот VII од Уставот според кој верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија. Судот ги прифати како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања“, соопштија од Уставниот суд.