По обилното невреме што го зафати нашиот град и за кратко време беа наврнати големи количества на дожд, град и силен ветер, настанати се последици од ова кратко, но силно невреме, информираше градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев на социјалната мрежа Фејсбук.

Градоначалникот ги повика граѓаните, да останат во своите домови, затоа што некои улици се блокирани од паднати дрвја, а на некои места е излеана реката Луда Мара и има наноси од силното невреме.

„На терен се службите на ЈП Комуналец како и ТППЕ Кавадарци. Исто така се апелира до граѓаните доколку имаат било каков проблем од настанатото невреме да пријават на телефонските броеви на ЈП Комуналец, ТППЕ Кавадарци и на 13 300“, појасни Јанчев.