Владата има ниско ниво на транспарентност при склучувањето на договори за изградба на автопатските делници 8 и 10. Граѓанските организации апелираат властите да излезат од концептот на директно договарање и да започнат постапките да ги водат транспаретно и јавно. Невладините особено го нагласуваат последниот склучен меморандум за соработка со фирмата „Бехтал и Енка“, за кои како што велат јавноста нема доволно информации за да може да ја пронајде оправданоста зошто Владата се решила на ваков чекор.
„Еден од клучните аргументи којшто беше изнесен во јавноста од страна на претставниците на Владата во одбрана на концептот на примена на посебно законско решение и склучување на директен договор за изградба на автопатските делници, беа негативните последици од изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид. Но, укажуваме дека токму тој договор беше склучен без да се примени Законот за јавни набавки и со донесување на посебен Закон“, наведуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Последниот став на министерот за транспорт Благој Бочварски е дека склучениот меморандум е достапен за јавноста и дека во изградбата ќе бидат вклучени стручни тимови и меѓународни консултантски компании.
„Имaме одговорност пред граѓаните да изработиме, изградиме сериозни патни делници и транспортни мрежи кои што ќе бидат прифатливи за граѓаните и за државата. Инаку не ги прифаќам тоа дека меморандумот не бил на увид дека не можел да го добие никој, буквално на секој што ќе го побара може да го добие“, рече Благој Бочварски- министер за транспорт и врски.
Владата пред речиси неполн месец потпиша меморандум со американско -турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за разбирање за изградба на коридорот 8 и 10, без да објави тендер. Според првичниот договор компанијата се понудила да направи физибилити студија, финансиска проекција и изведба за изградба на автопати на потегот Тетово – Гостивар – Кичево, Струга – Ќафасан, но и од Прилеп до Битола. Откако американската компанија Бехтел – Енка, ќе ја изработи физибилити студијата, финансиската конструкција на проектите и добие зелено светло од Илинденска број 2, следен чекор ќе биде пратениците да усвојат Закон за тоа дали таа фирма ќе ги гради патиштата.
Андреа Чобанова