Разликата помеѓу жените и мажите започнува со наследување на два големи Х хромозома или еден Х и еден мал Y. Тоа било почеток на откритието на Нети Стивенс, која ги открила биолошките разлики меѓу мажите и жените и тоа преку инсектите кои ги проучувала. Подоцна, по проучувањето на стотина инсекти била објавена научна студија (1905).
Како девојче, Нети не сакала да истражува. Родена е во 1861 година во скромно семејство во Кавендиш, мало гратче во државата Вермонт, ја изгубила мајка си на две години, дипломирала многу млада, а веќе на петнаесет години била учителка, работела во библиотека и ѝ помагала на маќеата околу домашните работи.
На 35 години решила да си го промени животот. Патувала низ Америка и се запишала на Универзитетот Стенфорд, Калифорнија. Никогаш не го објаснила овој свој избор, но веројатно, додека работела во библиотеката се распрашувала за најдоброто место за продолжување на студиите. Весниците пак, често пишувале за Стенфорд: професорите биле млади, а професорките носеле панталони кога оделе на теренски истражувања.
Сенаторот Леланд Стенфорд и неговата сопруга, кои го основале универзитетот ѝ го платиле школувањето на Нети, сакајќи да го зголемат бројот на девојки на нивниот универзитет. Кога Нети се запишала, во 1896 година, на американските универзитети во просек се школувале само 4% жени, а најголем број од нив биле токму на Стенфорд.
Многу брзо добила докторска стипендија на Брин Мавр, близу Филаделфија, колеџ само за студентки каде што честопати биле поканувани да предаваат познати европски професори. За возврат, тие ги поканувале најдобрите студентки на дошколување во Европа, па така Нети се запознала со нови техники за проучување на клетките на Универзитетот во Вурцбург, Германија, и две години работела во зоолошката градина во Неапол. Во тоа време овој зоолошки центар во Неапол привлекувал истражувачи од целиот свет. Подоцна, се вратила во Брин Мавр како истражувачка.
Што го одредува полот на детето?
Големото прашање во генетиката тогаш било едноставно – Што го одредува полот на детето? Во тоа време одредувањето на полот била вистинска мистерија. Со децении научниците сметале дека полот се должи на тоа што жената го јаде во текот на бременоста или пак, од нејзината телесна температура. Меѓутоа, Нети почнала да се соменва во овие тези, и така почнала да истражува.
Ги проучувала репродуктивните органи на пеперутките и бубачките, правела детални анализи на нивните клетки и дошла до сознание дека машките инсекти имаат XY хромозоми, а женските – XX. Стивенс била прва која открила дека женките имаат два голими хромозоми во форма на X, додека мажјаците имаат еден X хромозон во полна големина, а другиот е мал Y хромозом.
Речиси во исто време до вакво сознание дошол и Едмунд Вилсон, менторот на Нети, но Нети имала посилни докази. Сепак, биолозите биле скептични, а луѓето го занемарувале нејзиниот допринес. Нети Стивенс и професорот Вилсон секако се познавале и многу се почитувале. Според некои историчари и според автобиографиите на нејзините ученици, Стивенс и Вилсон делеле и романтични чувства, но сепак, за љубовниот живот на Нети многу малку се знае.
Противења на тезите на Нети
Нејзин најжесток критичар бил Томас Хант Морган, кој ѝ бил професор на Брин Мавр, одличен истражувач, но подеднакво добар и во рекламирањето на самиот себе, па со тоа и многу влијателен во јавноста. Морган важел за арогантен и тврдоглав, потекнувал од династија на финансиери и генерали кои ја пишувале историјата на САД, а негов роднина ја напишал американската химна. Но што толку имал против тезата на Нети? Морган не можел да поверува дека е можно да се припише наследна особина на хромозомот, а камоли на полот, зашто во тоа време ништо не се знаело за гените и за ДНК. Биле потребни децении за да се открие точниот механизам на пренесување. Но, Нети не се обесхрабрила туку продолжила со генетските истражувања изнесувајќи нови и нови докази и тези.
Во 1910 година, Томас Хант Морган продолжил да тврди во јавноста дека госпоѓицата Стивенс приложува тривијали и дека цртежите што ги придружуваат нејзините написи се плод на премногу имагинација. Всушност, лажел знаејќи дека лаже, не сакајќи да се помири со фактот дека една жена го претркала во истражувањата до кој тој никогаш, како голем стручњак, претходно не дошол.
Додека биолозите и јавноста му верувале на Морган, универзитетот Брин Мавр создал специјален фонд за Нети да може да ги продолжи своите експерименти. Таа повеќе не морала да бара пари, талкајќи од една до друга фондација, за да ја плати лабораториската опрема, како и опремата на нејзините сиромашни студенти. За жал оваа среќа траела само две години, зашто Нети ненадејно починала од рак на дојка, во 1912 година, на 51-годишна возраст. Така бил спречен обидот на светот да му докаже дека е во право и да донесе уште нови, важни информации. Зад себе оставила над 40 научни трудови.
Може да е домаќинка, ама не и научничка
И по нејзината смрт Морган не признавал дека Нети била во право, декларирајќи ја како научник од втор ред. Тој ѝ припишувал доблести на домаќинката, а не на жена со голема визија и амбиција типична за големите научници – како него. Сепак, Американската академија на науките набрзо дала спротиставено мислење искажувајќи дека „извонредните достигнувања на Мис Стивенс беа плод на ретка интелигенција и плоден ум на одличен научник“.
До својата смрт, Морган се грижел истражувањата на Нети Стивенс да не влезат во учебниците по генетика. Сепак, со текот на годините, тоа се случило. Останала запаметена како една од првите Американки кои придонеле во биолошките истражувања, го променила начинот на изучување на ембрионите и дала голем придонес во цитогенетиката.
Децении после нејзината физичка смрт, останале делата од нејзиниот живот. Нети прва открила што го одредува полот на организмот, но токму нејзиниот пол бил вистинската причина за недоволно почитување на нејзината работа и откритија. Оставила испишани страници на историјата кои довеле до сознанија кои ние денес ги имаме. Нети Стивенс е жената која го открила прва тоа што ние денес го подразбираме, не ни претпоставувајќи како само дошла до овие сознанија! Детето секогаш ќе добие Х хромозом, но постои 50 отсто шанси да добие и Y хромозом, а од тоа ќе зависи дали ќе биде машко или женско.