Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека го почитува планот на Доналд Трамп да го испразни разурнатиот Појас Газа од неговите жители, а планот го бранеше и шефот на американската дипломатија при посетата на Ријад.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин на самитот на неколку арапски земји во петок, првично планиран за ден претходно, за да се претстави заеднички одговор на проектот што предизвика меѓународeн револт.
За време на посетата на Израел во неделата, државниот секретар Марко Рубио покажа солидарност со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Предвидено е тој да се сретне и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Нетанјаху рече дека е должен да го „почитува“ планот на американскиот претседател Доналд Трамп за САД да ја преземат контролата врз палестинската територија и да протераат 2,4 милиони луѓе во Египет и Јордан.
„Како што се обврзав да гарантирам дека по војната во Газа нема повеќе да има Хамас или палестинска управа, морам да го почитувам планот на Доналд Трамп да создаде друга Газа“, рече тој.
Планот беше отфрлен од Палестинците и сите арапски земји, што дополнително ги зголеми тензиите околу и онака кревкиот прекин на огнот во Газа од 19 јануари.
Израелскиот безбедносен кабинет треба да разговара за втората фаза од договорот за прекин на огнот, кој треба да овозможи ослободување на сите заложници во Газа и дефинитивен крај на војната.
Првата фаза од договорот завршува на 1 март.