Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пред судот во Тел Авив изјави дека обвинувањата против него се „океан на апсурд“.

„Осум години го чекав овој момент да ја кажам вистината каква што ја паметам, што е важно за правдата. Но, јас сум и премиер. Ја водам земјата низ војна на седум фронтови и мислам дека тоа може да се направи паралелно“, рече Нетанјаху.

Судот му даде можност на Нетанјаху да прави итни паузи и да прима пораки за време на судењето, бидејќи тој е премиер и војната е во тек.

Тој изјави дека не се грижи за покривањето во медиумите за себе и дека реалноста е сосема спротивна и дека е фокусиран не на својата иднина, туку на иднината на Израел. Тврди дека неговото семејство било соочено со „напади, клевети и лаги од такви размери што малкумина јавни личности ги доживеале“ и дека веројатно нема слични случаи во светот.

Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на службената положба и поткуп во три одвоени случаи.

75-годишниот израелски лидер е обвинет дека добил подароци пури и шампањ во вредност од повеќе од десетици илјади долари од холивудскиот продуцент, милијардерот Арнон Милхан во замена за помош за лични и деловни интереси.

Во одговор на прашањата за тоа, Нетанјаху рече дека тоа е целосна лага и дека повремено пали пура, но дека мрази шампањ, пренесоа агенциите.

Тој рече дека обвинувањата не само што се апсурдни, туку и срамни.

Израелскиот лидер денеска дојде пред судот во Тел Авив за да презентира докази во долгогодишното судење за корупција.

Тој рече дека работи од 17 до 18 часа на ден и е зафатен со состаноци, особено во изминатата година поради тековната војна во Газа.

Тој ги негираше сите обвинувања, велејќи дека тоа е „лов на вештерки“ што го водат непријателски медиуми и пристрасен правен систем за да го соборат.

Осврнувајќи се на истрагите за наводните обиди да ја искористи својата позиција за позитивно медиумско покривање против него, тој рече дека е зачуден.