Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската војска веројатно го убила Мохамед Синвар, де факто лидерот на Хамас во Газа и брат на убиениот лидер Јахја Синвар.

„Елиминиравме десетици илјади терористи“, рече Нетанјаху на својата прва прес-конференција по неколку месеци.

Мохамед Синвар беше цел на израелски воздушни напади минатата недела врз Европската болница во Кан Јунис. Според палестинското Министерство за здравство, во нападот загинале 28 Палестинци, а повеќе од 50 се ранети. Доколку се потврди, неговата смрт ќе биде уште еден во серијата атентати на високи функционери на Хамас, иако Хамас сè уште ја задржува контролата врз Газа.

Мохамед Синвар беше брат на Јахја Синвар, поранешниот лидер на Хамас, кој беше убиен од израелската армија во јужниот дел на Газа во октомври.

Нетанјаху на истата конференција потврди дека новата израелска воена офанзива во Газа нема да престане.

„Нашите сили окупираат се повеќе територии во Газа“, рече тој. „На крајот на операцијата, целиот Појас Газа ќе биде под израелска безбедносна контрола.

Тој рече дека Израел може да се согласи на привремен прекин на огнот, но само ако тоа вклучува ослободување на заложниците. Крајот на војната, според него, е можен само доколку се исполнат клучните услови: демилитаризација на Газа, соборување на Хамас од власт и спроведување на американскиот план за доброволно иселување од Газа.

„Кој и да нè повикува да ја прекинеме војната пред да ги постигнеме тие цели, всушност бара Хамас да остане на власт“, ​​рече Нетанјаху.

Нетанјаху додаде дека постои „целосна координација“ со сегашната американска администрација на Доналд Трамп во врска со иранската нуклеарна програма, додека Вашингтон се обидува да преговара за нов договор со Техеран.

Според него, секој иден договор со Иран мора да вклучува забрана за развој на нуклеарно оружје и крај на збогатувањето ураниум. Си-Ен-Ен во вторникот објави дека американската разузнавачка заедница верува дека Израел подготвува можен напад врз иранските нуклеарни постројки.

„Израел има право да се брани од режим кој се заканува со негово уништување“, заклучи Нетанјаху.