Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека израелската армија покажала „невиден морал“ во војната во Газа и ги отфрли обвинувањата на Јужноафриканската Република (ЈАР) за геноцидни дејствија во палестинската енклава.

Јужна Африка во петокот побара од Меѓународниот суд на правдата (МСП) итно да прогласи дека Израел ја прекршил Конвенцијата за геноцид во војната против Хамас во Газа. Израел го отфрли тоа барање како бесмислено.

– Ќе ја продолжиме нашата одбранбена војна чија оправданост и морал се неспоредливи, рече Нетанјаху на отворањето на состанокот на воениот кабинет, додавајќи дека израелската армија во Појасот Газа дејствува „на најморалниот можен начин“.

– Додека армијата прави се за да избегне цивилни жртви, Хамас прави се за да им наштети на цивилите и ги користи како жив штит, додаде тој.

Израелските воени операции почнаа по масакрот на околу 1.200 луѓе во кибуци и на музички фестивал во јужен Израел на 7 октомври, главно цивили, и киднапирањето на околу 240 заложници. Според Њујорк Тајмс, кој спроведе двомесечна истрага, терористите на Хамас брутално силувале, мачеле и осакатиле стотици жени, девојки и млади мажи.

Како одговор на најтешкиот масакр по холокаустот, Израел почна сеопфатна офанзива на Појасот Газа со цел да ја уништи исламистичката група, која е окарактеризирана како терористичка организација од САД и ЕУ. Оттогаш, 21.822 луѓе се убиени во израелските напади, според здравствените власти во Газа кои се под контрола на Хамас. Хамас тврди дека повеќето од нив се жени и деца.

МСП, највисокиот суд на Обединетите нации, потврди дека ЈАР поднела тужба против Израел за „геноцидни дејствија“ против палестинскиот народ.