Неопходно е интензивирање на соработката за навремена размена на податоци, профилирање на организирани криминални групи и криминални соработници со цел воспоставување на заеднички истраги за сузбивање на криумчарањето мигранти, изјави државната секретарка на МВР Магдалена Несторовска во обраќањето на сесијата „Зајакнување на прекуграничната соработка за справување со криумчарење мигранти и трговија со луѓе и заштита на жртви во Западен Балкан” во рамки на Министерската конференција „Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан”, што денеска и утре се одржува во Скопје.

– Борбата против трговијата со луѓе е комплексна и динамична „сложувалка“ со нови предизвици кои настојуваме заеднички да ги решаваме. Таа борба е перпетуум мобиле, постојано трае и постојано се менува, а сите ние имаме подеднакво важна и одговорна улога да бидеме истрајни во неа, да ја спречиме/превенираме трговијата со луѓе и да ги заштитиме нејзините жртви, истакна Несторовска, која е и национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

На маргините на Конференцијата, Несторовска имаше средба со австриската делегација што учествува на собирот, предводена од националната координаторка за борба против трговија со луѓе на Австрија, амбасадорката Петра Шнебауер. На средбата присуствуваа и амбасадорот на Австрија во земјава Георг Вуцас, австриско полициско аташе Манфред Јурчевиќ и претставници од надлежните служби од МВР.

Како што соопшти МВР, на средбата се разговараше за состојбите и трендовите во државите во однос на трговијата со луѓе, илегалната миграција, како и соработката и предизвиците со кои се соочуваат земјите во регионот.